Институтот за јавно здравје предлага итни мерки – Совесно одлагање на отпадот и лична хигиена за заштита на скопјани

Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) издаде препораки и предлози за итни мерки за справување со отпадот во Скопје, поради актуелната состојба со несоодветно одлагање и диви депонии. Иако епидемиолошката состојба во главниот град е стабилна, експертите предупредуваат дека неправилното ракување со отпадот може да создаде здравствени ризици.

Директорката на ИЈЗ, Марија Андоновска, информираше дека Институтот изготвил стручно мислење кое е предадено до надлежните институции. Препораките се дел од интеринституционалната работна група за справување со отпадот, составена од ИЈЗ, МВР Скопје, Државниот комунален инспекторат, Државниот инспекторат за животна средина и ДСЗУ.

Епидемиологот Драган Кучински истакна дека за граѓаните најважни се мерките за лична и колективна хигиена:

  • често миење и дезинфекција на рацете,
  • користење ракавици при одлагање на отпадот,
  • строго почитување на местата предвидени за одлагање, како што се контејнерите,
  • избегнување на нелегални депонии,
  • затворање на капаците на контејнерите,
  • избегнување директен контакт со отпад и исцедок.

Кучински апелираше граѓаните да се вклучат во правилно управување со отпадот, како и да се поттикнува селекција на органски и неоргански отпад во домаќинствата.

За институциите и професионално изложените на ризик лица, Кучински истакна дека е неопходна заштита на работниците кои го собираат отпадот:

  • користење на лична заштитна опрема,
  • редовна вакцинација (особено против хепатит А и Б),
  • итно собирање на насобраниот отпад,
  • дезинфекција, дезинсекција и дератизација на критични локации,
  • редовно празнење на контејнерите, најмалку еднаш дневно во густо населените места.

Проф. д-р Мирјана Димовска нагласи дека целта на препораките е заштита на јавното здравје, со посебен фокус на ранливите групи: деца, болни лица и бремени жени. Таа апелира до институциите да ги почитуваат законските обврски и да спречат поставување контејнери во близина на здравствени установи, училишта и други објекти со високи хигиенски стандарди.

Димовска ја истакна потребата од:

  • поставување дезинфекциони бариери пред домовите,
  • примарна селекција на отпадот во домаќинствата,
  • интегрирано управување со отпадот со јасно дефинирани обврски за комуналните претпријатија.

Органскиот и неорганскиот отпад не смеат да се мешаат, бидејќи мешавината создава исцедок кој е потенцијален извор на зарази.

ИЈЗ апелира до сите граѓани за совесно одлагање на отпадот, редовно миење на рацете, користење маски и ракавици при контакт со отпадот, како и активно учество во системот за селекција и рециклирање. Институтот нагласува дека решението за отпадот е мултидисциплинарно и бара колективна одговорност, како од државните институции, така и од секој поединец.

Може да ве интересира