- Колумна на Никола Пијанманов, ликовен уметник
Кичот е сеприсутен во современиот свет. Нема место и начин од кои не се појавува, а ние го „вдишуваме” секојдневно, во големи дози. Не постои медиум од кој не сме загадени и зависни од кичот. Но јас сакам да го анализирам ликовниот кич и опасноста од неговата промоција и поддршка, па и инвестирање во него.
Кичот како и секогаш во историјата е финансиран пред сѐ од буржоазијата, денес од брзо збогатените среднокласни бизнисмени кои немале време и можност да се образуваат. Со нивната арогантна куповна моќ и вкус кичот се шири брзо како зараза.
На прв поглед, образувани уметници би можеле да го насетат кичот и инфекцијата во едно ликовно дело. Но, тоа многу лесно се протнува на пазарот во форма на „совршен продукт”. Најчесто овие продукти се обвиткани со скапи луксузни рамки, агресивна реклама или фотографско/принтерски реализам. Како да осетиме од прв поглед дека во еден ликовен производ нема ликовни вредности?
Прв феномен – сè во сликата има иста вредност. Секој тон, секој предмет и објект се повторуваат по некаква шема како што се изработуваат гоблени. Композицијата е изместена или неприродно наместена. Секој лик и тело (во фигуративната уметност) се исти. Секое стебло, трева, лисја и планини се исти, тие се повторуваат бесконечно во недоглед. Во природата не постои ниту еден милиметар со иста содржина и вредност. Пример, најчесто сликарот што сака да наслика птица, никогаш не се загледал во небото и не се дружел со птиците, туку птицата ја слика од „памет” по некаков веќе зададен шаблон или ликовна фраза. Некој насликал пејзаж, а никогаш не поминал време во поле, шуми…итн. Портретистите пак, го сведуваат ликот на шема. Очите се исти, двете половини на портретот се идентични како фотокопир, ликот нема никаков индивидуален карактер, туку само фото рефлексија.
Во техничкиот пристап сè е сведено на детализирање. Мноштво од детализам без никаква целина. Кичот не посветува внимание на целината и суштината, тој е целиот заразен од ситниците. Пример: скулптура на човечка фигура. Вајарот не чувствувал дека е потребно да го совлада држењето и движењето, пропорциите на целата фигура, туку цела енергија ја вложил во часовникот на раката, во кондурите, во фризурата на личноста (примери: споменик на Гоце Арнаудов, Струмица, голем број на споменични скулптури во Скопје од проектот Скопје 2014, фонтани на Олимпија и Филип Втори, сликите во Музеј на ВМРО…). И покрај канонските закони, кичот успешно се протнува и во живописањето на храмовите. Таму фреските може да наликуваат на календарски принтови, на офарбани површини без никакво чувство за длабочина и без никакви ликовни вредности. Ликот потсетува површно на византиската естетика, а всушност е бледа сликовница пренесена со индиго од неук сликар кој го пресметува трудот и цената во квадратен метар.
Уметниците со години се посветени на философијата на својата уметност. Некои од нив потрошуваат време кое се мери со децении за да постигнат совршенство на одредена тема. Кичот дава брзи производи. Сè е само налик на она што треба да биде. Само релаксација на окото, предмет кој треба да нѐ расположи. Би помислиле дека таквите производи се наивни феномени на капиталистичкиот потрошувачки поредок, но не е само така. Кичуозните производи се мака за духот и енергетски зрачат тежина и зараза за визуелниот аспект на животот. Просториите преполни со кич се како добро сервирана храна во луксузни сервиси, но затровена и скиселена. Младите кои се развиваат во такви средини имаат пречки во развојот на критичкото мислење и естетското поимање на светот. Дополнителна опасност демне од ВИ техниките кои даваат брзи и евтини „ликовни” решенија на зададената задача и тема. Вештачката интелегенција во сојуз со ликовната неписменост создава една нова кич генерација која е нестрплива за сериозни и квалитетни ликовни решенија, а е несвесна за резултатот од инстант триковите на дигиталната креативност.
Во суштина ниеден мотив не е самиот по себе кичуозен, начинот на кој уметникот го материјализира во дело е најважен. Врвно уметничко дело претставува идеална синтеза помеѓу материјалот кој го владее уметникот (акварел, мермер, темпера, глина, маслени бои…) и идејата. Без таа синтеза не може да постои добро и вредно уметничко дело.
Уметниците кои кокетираат со кичот, се во постојана грижа дека нивното дело нема да биде прифатено и разбрано од публиката. Главниот критериум и цел на уметникот треба да биде сопственото спознание и себеубедување пред сѐ, херојски и бунтовен естетски и етички чин, а потоа признанието пред јавноста и медиумите.

