Антифашистичкиот фронт на жени на Левица (АФЖ – Левица) остро реагира на, бруталната дискредитација и оркестриран обид за заплашување, на нивната членка и кандидатка за советник во Советот на Општина Штип, Наталија Анастасов.
Според соопштението на организацијата, на денот на првиот круг од локалните избори, 19 октомври 2025 година, на сомнителен и анонимен интернет-портал под името „Секојдневието во Штип“ била објавена клевета дека Анастасов наводно делела поткуп во плико на улицата „Радански пат“. Како „доказ“, биле приложени матни фотографии без никаква јасна содржина или потврда.
АФЖ информира дека, наместо полицијата да ја провери веродостојноста на објавата и изворот, повеќе полициски службеници упаднале во домот на Анастасов и ја привеле на распит, иако во тој момент се грижела за своето болно дете. При распитот, таа објаснила дека „пликот“ што го предавала бил всушност овластување за изборен набљудувач – документ кој легално го доставувала согласно изборните процедури. Втората страна во случајот, лицето кое го примило овластувањето, го потврдило тоа пред полицијата.
„Доказите се недвосмислени. Се работи за обид за јавна дискредитација на жена која храбро и гласно се бори во редовите на Левица“, порачуваат од АФЖ, додавајќи дека наместо непроверени портали, полицијата треба да се занимава со вистинските изборни нерегуларности – како поткупот со брашно и прехранбени пакети што, според нив, биле забележани истиот ден на истата улица.
Од организацијата бараат да се утврди кој стои зад порталот и дали има координација со одредени институции, предупредувајќи дека нема да дозволат вакви инциденти да се користат за заплашување на активистки и кандидатки од Левица.
„Наталија Анастасов е почитувана професорка и долгогодишен борец за правда. Ќе продолжиме да ја браниме нејзината чест и достоинство, како и секоја жена која не се плаши да зборува јавно“, стои во реакцијата на АФЖ – Левица, која завршува со порака:
„Јавноста треба да ја знае вистината – не ви се плашиме!“
Следи го Антропол преку Google 
