Тренчевски: Граѓаните ја препознаваат искреноста на Левица – Време е за нова енергија во Гази Баба

На претпоследниот ден од кампањата, на народниот собир во Гази Баба, на кој присуствуваше и лидерот на Левица, Димитар Апасиев, како и кандидатот за градоначалник на Скопје, Амар Мециновиќ и носителката на листа за советници на Скопје, Катерина Јовановска беа упатени пораки до граѓаните дека и покрај сите притисоци и блокади од власта Левица успева да допре до народот.

Во своето обраќање ја презентираше и програмата за Гази Баба нагласувајќи дека ги опфаќа сите сегменти за урбано живеење, од централните урбани зони до руралните средини. За капиталните проекти што ги предлага Левица рече дека се дел од суштинските потреби на жителите и гаранција за рамномерен развој на општината.

Тренчевски посебно се осврна на потребата од демократизација на општината која, како што рече, ќе биде клучниот принцип во неговото работење.

Говорејќи за екологијата и животната средина Тренчевски беше дециден дека таму нема компромиси. „Ќе се превземат сите потребни чекори за справување со депониите и загадувачите. Еден здрав и квалитетен живот зависи од здрава животна средина“, рече тој.

Меѓу најважните мерки го издвои мораториумот за продажба на државно земјиште за изградба на станбени комплекси, а се осврна и на развојот на културата и поддршката на младите и спортот.

На крајот од своето обраќање Тренчевски изрази уверување дека граѓаните ја препознаваат искреноста и непосредноста на Левица: „Јас сум сигурен дека граѓаните ќе ни ја дадат довербата. Време е за нов пристап, нова енергија и вистински промени во Гази Баба“.