Во интервју за Антропол, носителот на советничката листа на Левица во Кичево, Бојан Мишкоски, остро ја критикува состојбата во градот, посочувајќи дека партизацијата, урбаната мафија и нефункционалните институции го претвориле Кичево во депонија и град без перспектива за младите. Мишкоски вели дека локалните власти се директно виновни за иселувањето на кичевчани, а целта на Левица е да воведе транспарентност, дигитализација и ревизија на јавните претпријатија, како и да го врати сјајот, културата и животот во градот. „Дојде време секој од нас да даде свој придонес – Кичево мора повторно да стане место за живеење, а не за бегање“, порачува тој.
Кичево со години се соочува со иселување, невработеност и партизација на институциите. Што беше вашата главна мотивација да се борите токму на локално ниво и што сакате да промените со оваа кампања?
Мишкоски: Локалните власти имаат огромен удел во иселувањето на кичевчани. Со помош на партизацијата на институциите и немањето на слух за барањата на обичниот граѓанин, едноставно го иселија градот. Основањето на семејство и растењето на деца во Кичево не само што е тешко туку е и непожелно кога ќе се земе во предвид моменталната состојба на градот во целост.
Кога се навраќам низ времето, кога јас бев дете тука, и како се живееше во Кичево, жалам што моменталните млади генерации немаат можност да искусат ни 5% од она што ние го живеевме. Понесен од овиие мисли, пред мене останаа два избора, едниот е да заминам од тука со семјството а другиот да останам тука и да се борам за подобро утре за кичевчани.
Да бидеме реални, која е придобивката ако финансиски добро се нафатираш а твоето дете нема со когo да излезе во маало, да поигра фудбал, мижаница, да сврти некој круг со велосипедот? Кога ќе го сфатиш ова, решението е лесно. Едноставно даваш се од себе да се промени градот, да се промени околината за твоето дете да има подобро утре, а покрај него да има уште еден куп други деца кои заедно ќе може да го уживаат животот.
Од инфраструктурата и загадувањето, до јавни услуги и корупцијата, што се најгорливите проблеми кои ги чувствуваат граѓаните на своја кожа, кои се најголемите системски проблеми во Општина Кичево според вас, и каде најмногу ја гледате вината на досегашната локална власт?
Мишкоски: Најголемиот проблем во Кичево може да се каже дека е градската депонија која институциите милуваат да ја наречат дива, иако истите тие се оние кои ја направија и сеуште ја полнат со отпад. Без разлика што имаат депонија баш во градот, истите и градот го имаат оставено преполн со ѓубре и смет и не превземаат ништо конкретно за овој проблем да се реши. Дополнително на ова и огромниот проблем со кучињата скитници дополнително ја влошува ситуацијата. Па така комбинацијата од ѓубре и улични кучиња се секојдневие за кичевчани.
Ако се тргнат на страна овие два проблеми за кои во 21ви век срамота е да се сеуште реалност на една урбана средина, следен би бил проблемот со прекумерното градење во градската средина. Иако Кичево има ГУП и ДУП кој сеуште се на сила, градот пати од урбаната мафија која за сметка на јавните површини и хуманото домување не остава ни педа помеѓу градбите, нема ни метар квадратен оставен за зеленило и дополнително го зголемуваат проблемот со паркинг места во централното градски подрачје.
Она што треба да е основна цел и работа на локалната самоуправа, а тоа е обезбедување на една урбана, чиста и хумана средина во Кичево, институциите комплетно го запоставија и остави истото да се користи од урбаната мафија и локални моќници за свое лично богатење и узурпирање на јавни и приватни површини.
Дали ќе се залагате за реорганизација на јавните претпријатија, транспарентно трошење на општинскиот буџет и подобри услови за младите и работниците и какви конкретни мерки предлагате за подобрување на квалитетот на живот во Кичево?
Мишкоски: За тоа како функционираат кичевските институции доволно е да се посети веб страната на ЕЛС Кичево каде според законот мора да има јавно достапни записници од секоја седнициа на советот на Кичево но за голем број седници истите се недостапни за обичниот граѓанин. На Кичево итно му е потребно промена во власта, поставување на транспарентност на целосното функционирање на локалната самоуправа па дури и реорганизација на органите во склоп на истата.
Градот едноставно има нефункционални институции кои не само што не си ја одработуваат сопствената работна обврска туку се и се поголем терет на буџетот на Кичево а со тоа и на кичевчани. Итно е потребно комплетна ревизија на сите јавни претпријатаија и институции за пронаоѓање на вистинскиот извор на ова уништување на истите и нивно реорганизирање.
Покрај тоа потребно е и итно дигитализирање на голем број на услугите кои граѓаните ги добиваат. Со тоа граѓаните ќе добијат полесен и побрз пристап до добивање на основни документи и услуги а работната сила со која располага локалната самоуправа ќе може правилно да се алоцира на најпотребните позиции.
Како дополнителен проблем со кој се соочува Кичево е и недостигот на спортски и колтурни понуди преку кои кичевчани квалитетно би го поминувале своето слободно време. Па така во време кога во градот најпосетувани се кладилниците и коцкарниците, потребно е итно имплементирање на план за културен и спортски развој на населението.
Кичево ја има таа среќа да во градот веќе има институции кои постојат за овие намени но нивната употреба, финансирање и активирање е доведена на минимум. Левица Кичево ќе има за цел комплетно реорганизирање на овие институции како и креирање и активирање на веќе згаснати секции и друштво со чија помош би се активирале граѓаните во секојдневното развивање на културата и спортот во Кичево. Овој дел во нашата програма е застапен сопосочување на фокусот на кој ние би се посветиле и кој која насока планираме да придонесиме во развојот на Кичево.
Како ќе се спротивставите на уништувањето на зелените површини, загадувањето од индустријата и дали имате план за еколошка ревитализација на општината, бидејќи во последно време, темата за депонијата во Кичево, животната средина и урбаното уредување станува сè побитна, каков е вашиот став по тоа прашање?
Мишкоски: Кичево, од град обвиен со шуми и непресушни извори на чиста вода буквално на секој чекор, сега е претворен во една огромна депонија, каде не само чиста вода, скоро и невозможно е да се најде парче земја кое сеуште не е загадено. На сево ова, кога се додаде и депонијата која се наоѓа буквално во центарот на градот и секојдневно го труе градот, може да се каже дека на Кичево очајно му е потребно стратегија и справување со отпадот и итно превземање на конкретни мерки за чистење на градот, околината и речните корита.
Реалната ситуација во јавното комунално претпријатие е таа што во истото моментално има превработеност а сепак работници на терен кои си ја бркаат својата работа, се премалку. Па од тука првично „Комуналец“ треба само да започне да си ја работи својата работа а за останатото тука сме ние. Левица Кичево веќе има започнато со припрема проект кој за Кичево би требало да значи крај на проблемите со ѓубрето и враќање на сјајот на Кичево по кој градот некогаш беше познат.
Денес е барем лесно да се земат примери од веќе развиените земји и најблискиот кој би бил соодветен и за нашата општина со мали модификации да се примени и да се оствари. Како и секогаш тука има огромно влијание и самата едукација на населението за правилно ракување со отпадот кој го произведува, па за истото имаме веќе започнато со припрема на програми со кои сигурни сме дека многу лесно би го подобриле комплетното функционирање на градот и справувањето со отпадот на ниво на цела општина.
Дополнително, кога станува збор за урбанизацијата на централното и поширокото градско подрачје, Кичево се наоѓа во очајна состојба. Пешачките зони кои од време требаше да бидат направени сеуште чекаат реализиција. Оние кои веќе биле направени, се во многу лоша состојба. А за вклучувањето на велосипедистите во сообраќајот и во урбаното живеење во Кичево нема што и да се каже.
Едноставно тоа е само мисловна именка за градските татковци кои немаат направено ниту една велосипедска патека до сега. Ова ќе биде исто главен фокус во нашата работа. Па така со конкрети решенија за кои долго време сме разговарале и сме ги разгледувале меѓу себе во локалниот огранок, сметаме дека можеме да излеземе со добри решенија кои за Кичево би значело преродба во начинот на кој секојдневно функционираат Кичевчани.
Зошто токму Левица е единствената вистинска алтернатива на досегашните партии, како ќе ја вратите довербата на граѓаните дека политиката може да работи во нивен интерес, а не во интерес на елитите и која е вашата порака до жителите на Кичево пред изборите?
Мишкоски: Кичево низ историјата имало честа промена на власта. Баш поради тоа кичевчани имаа шанса на дело да ги видат скоро сите политички партии и нивниот начин на управување со локалната самоуправа. Започнувајќи од партиски вработувања, преку местење на тендери за цел богатење на партиски лица па се до поставување на советници кои служат само како машина за гласање во советот под партиски диктат.
На кичевчани веќе им е доста од овој маѓепсан круг. Се ова допринесува за комплетно изгубена верба во политичарите и во делувањето на партиските лица кои ја бараат довербата од граѓаните. Па затоа ЛО Левица Кичево на овие локални избори извади листа со млади, образовани и чесни лица чија единствена цел е да се врати довербата во политичарите и нивната работа, преку комплетно ангажирање од наша страна, со конкретни цели и проекти, да се крене нивото на очекувања на граѓаните за тоа што и како треба да сработи еден советник во локалната самоуправа.
Кичево може и мора да го добие ликот кој го заслужува. Па поради тоа сме спремни да поставиме високи стандарди а со тоа да ги мотивираме прво и нашите политички противници активно да се вклучат во креирањето на иднината на Кичево а после тоа како позитивен пример истото да се одрази во сите органи и тела на локалната самоуправа.
На кичевчани би им порачале само уште дека заврши времето на очајување и апатија. Дојде време кога секој треба да даде свој придонес и заедно, сплотени да го воздигнеме Кичево на едно завидно ниво.

