Ѓуровски: „Не ве интересира политика? – Токму затоа Ви е ваков животот!“

  • Став на Игор Ѓуровски

И мене не ме интересира политиката сама за себе и сама по себе…

Она што ме интересира се способни, професионални и хумани доктори во здравството. Брза помош која на повик доаѓа за петнаесет, а не за четириесет и пет минути, модерни болници во кои ќе нема гужва. Ме интересира здрава храна произведена по високи хигиенски и еколошки стандарди, која ќе помине сериозни контроли пред да биде понудена во продажба. Ме интересираат и здрави, чисти и безбедни улици. Ме интересира секогаш да најдам паркинг, а ме интересира и воздухот што го дишам да не биде загаден.

Ме интересираат и паркови и зеленило, ме интересира и модерен и брз јавен превоз. Ме интересира и одлично образование кое нашите деца ќе ги спреми за модерниот живот и идните високо платени работни места. Ме интересира и полиција која ќе помага и која ќе се доживува себе си како сервис за граѓаните. Ме интересираат и безбедни граници. Ме интересира и рамноправност, еднаквост пред институциите на системот и нивна почит спрема граѓаните. Ме интересира власт која ќе се плаши од народот, а не обратно.

Ме интересира во институциите да работат чесни луѓе кои нема да бидат продолжена рака на урбаната и сите други облици на мафии кои ни го уништуваа животот во последниве 35 години. Ме интересира општество со релаксирани меѓуетнички односи. Ме интересира околина без дрога, убиства, кражби и други девијантни појави. Ме интересира надворешна политика која нема да не става во вазалски однос туку ќе развива добрососедски односи, ќе генерира глобални пријателства и интернационална солидарност.

Ме интересира се за што имаме капацитет да направиме за нас и нашите најблиски…

За жал ништо од ова нема да се случи затоа што – НЕ МЕ ИНТЕРЕСИРА ПОЛИТИКА…

П.С.

Извинете што морам уште ова да ви го кажам: Во стара Грција, во Елада, личностите кои си го гледале само приватниот интерес, сопственото, кои не се интересирале за заедничкото, за Полисот, за градот држава и за општите работи, ги нарекувале ИДИОТИ…

П. П. С.

Немојте ни случајно да сте се осмелиле нешто да научите од моево писание. Немојте ни случајно да ве стави во мисла… Немојте ни случајно да сте помислиле да направите нешто поразлично, како на пример да излезите на избори и да ја земете вашата иднина и вашата судбина во вашите раце…

Само налутете ми се и канализирајте го вашиот долгогодишен гнев кон мене… Впрочем тоа е најлесно…