Антифашистичкиот фронт на жени на Левица (АФЖ – Левица) остро реагира на неодржливата состојба во системот на социјална и здравствена заштита, поради која десетици деца со хронични и ретки заболувања остануваат без соодветна терапија.
Според движењето, институциите со години дозволуваат пракса која не само што е противзаконска, туку и опасна по животите на најмладите пациенти. Наместо стручни лекарски комисии, за нивните права одлучуваат лица без медицинско образование, што претставува сериозен ризик и понижување на самото здравствено право.
„ДЕЦАТА СО ХРОНИЧНИ БОЛЕСТИ ОСТАВАНИ БЕЗ ТЕРАПИЈА – ПРЕКИНЕТЕ СО НЕСТРУЧНИТЕ ОДЛУКИ!
Антифашистичкиот фронт на жени на Левица, АФЖ – Левица, остро реагира на алармантната состојба со која се соочуваат децата со ретки болести и хронични респираторни состојби, особено асматичарите, чии права системски се газат веќе три години.
Сведочиме на крајно нечовечко и опасно практикување на социјалната и здравствена заштита: наместо лекарски комисии составени од педијатри, пулмолози и други стручни лица, одлуките за доделување на финансиска поддршка и пристап до терапија ги носат социјални работници без медицинско образование! Ваквиот систем директно ги загрозува животите на децата!
Родители што се обратија до АФЖ – Левица, сведочат дека:
Се чека по 6 месеца за жалба до второстепена комисија, додека децата остануваат без терапија;
Дијагнозите, лабораториите, спирометријата и дури компјутерска томографија со контраст се игнорираат или погрешно толкуваат;
Децата се прашуваат „дали пијат чај“, а не се земаат предвид сериозни хронични состојби, како висок степен на астма и операција на бели дробови,
Родителите сами ги плаќаат лековите и витаминските терапии, додека добиваат минимална поддршка – доколку воопшто ја добијат!
Додека институциите се кријат зад бирократија, децата се лекуваат на приватно или остануваат без терапија. Сето тоа, додека чекаат „решение од комисија“ која во многу градови веќе не постои или е формална.
Нашите барања се јасни:
• Итно враќање на стручни лекарски комисии во сите градови, а НЕ социјални работници!
• Забрзување на процесот за одобрување на терапија, за да не остане ниту едно дете без лек!
• Државна обврска за покривање на терапијата, без условување со небулозни процедури!
• Јавна одговорност за секој случај на повредено право со ревизија на одбиените предмети!
• Вклучување на родителите во реформата на комисиите!
АФЖ Левица стои зад секоја мајка, секој татко и секое дете чие здравје и достоинство е загрозено од институционална незаинтересираност и неодговорност.
Борбата за социјална правда е прашање на живот!
ДОСТА Е!“
АФЖ – Левица укажува дека актуелниот систем на одлучување во социјалната заштита е дискриминаторски и опасен и бара итна интервенција од Министерството за труд и социјална политика и Министерството за здравство. Потребно е враќање на струката во центарот на процесот, ревизија на сите спорни решенија и воспоставување одговорност за секоја институција што со нестручност го довела во прашање животот и здравјето на децата.

