Михајловски: Време е Штип да добие советници кои ќе размислуваат со своја глава – не само да им служи за климање

Во екот на локалната изборна кампања, „Антропол“ разговара со Ангеле Михајловски, носител на советничката листа на Левица во Општина Штип. Михајловски, кој е универзитетски професор и долгогодишен активист, ја претставува визијата на партијата за поинакво управување со градот, со акцент на транспарентност, професионализација и реална контрола на јавните пари. Во ова интервју тој зборува за трите најголеми проблеми на Штип, борбата против партизацијата, стратегиите за задржување на младите и планот за создавање Граѓански буџетски совет, како прв чекор кон вистинска народна контрола врз власта.

Левица во Штип настапува со јасна порака за промена на начинот на управување со градот. Кои се трите најголеми проблеми што ги детектирате во моменталното работење на општината и како планирате да ги адресирате преку Советот?

    Михајловски: Најголемите проблеми кои ги детектиравме се:

    • Нетранспарентно трошење на јавните пари – со години парите на граѓаните се трошат без јасни извештаи, јавни набавки се вршат по партиски клуч, а извештаите се минимално достапни и крајно нејасни.

    • Партизација на институциите и јавните претпријатија е втор горлив проблем. Наместо експерти и професионалци, клучни позиции се полнат со „наши луѓе“.

    • Недостиг на вистинска развојна визија за градот е третиот клучен проблем. Сè се прави ад-хок, без долгорочни стратегии.

    Преку Советот, Левица ќе се бори за јавно и отворено објавување на сите буџетски трошоци, редовно известување на граѓаните, укинување на непотребни договори и вработување на стручни кадри. Ќе бараме отчетност и ќе гласаме само за проекти кои директно им користат на граѓаните, не на партиите.

    Јавните пари и транспарентноста се клучна тема во секој град. Како Левица преку Советот ќе обезбеди поголема отчетност на градоначалникот и општинската администрација пред граѓаните на Штип?

      Михајловски: Ќе продолжиме да инсистираме на јавни седници, видео – преноси, како и обврзувачко квартално известување од страна на градоначалникот и директорите на јавните претпријатија пред граѓаните. Ќе инсистираме на електронски регистар на сите трошоци, договори и набавки.

      Како советник, веќе имам поднесено десетици иницијативи во оваа насока, но биле блокирани. Сега, со поголем број советници од Левица, очекуваме да добиеме сила за да го смениме ова. Не смее граѓанинот да биде последен што дознава каде оделе неговите пари.

      Младите масовно го напуштаат источниот регион, особено Штип. Што конкретно предлагате како мерки за задржување на младите и оживување на локалната економија?

        Михајловски: Ќе се бориме за директна поддршка за млади претприемачи, самовработување и стартапи, преку субвенции и јавни простории за работа. Ќе ги поддржуваме и фриленсерите и младите кои работат ,,онлајн”, меѓу кои најбројни се информатичарите.

        Истовремено, инсистираме на подобри услови за младите работници во текстилната и индустриската зона, кои се најексплоатирани.

        Ќе бараме и вложување во културни и спортски содржини, достапни за сите, затоа што младите не бегаат само поради работа, туку и поради недостиг на квалитетен живот.

        Ќе се трудиме да ги обелоденуваме сите наместени конкурси, затоа што младите бегаат баш од тоа.

        Како универзитетски професор, секојдневно гледам како талентирани млади заминуваат. Ова мора да запре. Време е Штип да стане град каде младите гледаат иднина, а не – билети за емиграција.

        Во последните години, јавните претпријатија во Штип се соочуваат со финансиски загуби и нефункционалност. Дали Левица има стратегија за нивно реформирање и спречување на приватизација на јавниот сектор?

          Михајловски: Приватизацијата на јавниот сектор е црвена линија за нас. Јавните претпријатија мора да служат на граѓаните, не на профитот на приватници.

          Ќе бараме:

          • Финансиски ревизии на секое претпријатие;

          • Отстранување на партиските директори и поставување на професионалци;

          • Јасни критериуми за работа и резултати, за секој директор.

          Јавното мора да биде ефикасно, транспарентно и достапно. Наместо да се затвораат или продаваат претпријатија, тие треба да се модернизираат и да се стават во функција на јавниот интерес.

          1. Каква визија имате за Штип во следните четири години, доколку добиете доверба во Советот? Каков град сакате да оставите зад себе и која ќе биде првата одлука или иницијатива што ќе ја предложите како советник?

          Михајловски: Моја визија за Штип е град без привилегирани, со еднакви можности за сите: чист, модерен и функционален град што се развива по план, не по партиска линија.

          Првата иницијатива што ќе ја предложам е: Формирање на ГРАЃАНСКИ БУЏЕТСКИ СОВЕТ, тело составено од синдикати и активни граѓани, кое ќе има увид и право на предлог во распределбата на општинските средства.

          Ова ќе биде првиот чекор кон вистинска народна контрола врз власта.

          Штип заслужува подобро! Заслужува Совет што ќе биде глас на народот; совет што размислува со своја глава, а не советници кои само ќе климаат со глава. Ние сме тука да бидеме гласот на обесправените.

          Може да ве интересира