Димовски: Општината не е партиски штаб – време е Бутел да им припаѓа на жителите!

Во пресрет на локалните избори, „Антропол“ разговара со Дарко Димовски, носител на советничката листа на Левица во Општина Бутел. Димовски, кој веќе има искуство како советник, вели дека неговата нова кандидатура не е прашање на лична амбиција, туку на континуитет на борбата за чесно и одговорно управување со општината. Во интервјуто тој говори за најгорливите проблеми со кои се соочува Бутел, од нефункционална инфраструктура и депонии до недостаток на транспарентност и ги претставува приоритетите на Левица за враќање на довербата во локалната власт. „Време е општината да припаѓа на граѓаните, а не на партиските елити“, порачува Димовски, најавувајќи вистинска локална самоуправа во која граѓаните ќе бидат тие што одлучуваат, а не неколку луѓе зад затворени врати.

Антропол: Дарко, што Ве мотивираше да ја прифатите кандидатурата за носител на советничката листа на Левица во Бутел?

Димовски: Мојата мотивација произлегува од одговорноста што ја чуствувам кон граѓаните на општина Бутел како и од резултатите и борбата од мојот прв мандат. Во изминатите години одблиску ги запознав проблемите со кои секојдневно се соочуваат жителите на општина Бутел, од запоставени населени места, недовршени инфраструктурни проекти, недостатокот на транспарентност до институции кои функционираат како партиски филијали.

Прифаќањето на кандидатурата за уште еден мандат не е прашање на лична амбиција туку на континуитет на борбата за поодговорно,  чесно и народното работење. Како преставник на Левица сакам да продолжам да бидам глас на оние што не се слушаат, да се спротиставам на неправдите и да работам за реални а не декларативни промени во општина Бутел. 

Антропол: Кои се најголемите проблеми со кои се соочуваат жителите на Бутел според Вас?

Димовски: Жителите на Општина Бутел секојдневно се соочуваат со бројни проблеми кои се резултат на години запоставување на локалната власт. Како најголеми проблеми ги нотирам проблемите во инфраструктурата – каде голем дел од улиците се неасфалтирани со дупки и без тротоари особено во населените места Бел Камен,  Визбегово,  Љубанци и Љуботен. Комуналната хигиена – депонии на секој чекор, нечисти јавни површини, кучиња скитници и запуштени зелени површини може да се нотираат како втор голем проблем. Недоволната грижа за јавниот интерес, немањето на транспарентност во трошењето на средствата, проекти кој се ветуваат пред избори а потоа исчезнуваат без реализација, немањето на доволно паркинг места, немањето на питка вода во Љубанци и Љуботен,  нередовниот јавен превоз се дел од проблемите со кои се соочуваат жителите на општина Бутел. 

Антропол: Што ќе биде Ваш приоритет како советник доколку Левица добие поддршка од граѓаните на Бутел?

Димовски: Воспоставување на чесна, отчетна и ефикасна локална власт која ќе работи во интерес на граѓаните. Чистење, одржување и обновување на јавните површини. Решавање на проблемот со бездомните кучиња. Вложување во образованието, спортот и реализација на инфраструктурните проекти а не нивно оставање на половина пат.

Антропол: Левица често зборува за потребата од „вистинска локална самоуправа“. Како тоа би изгледало во пракса?

Димовски: Кога зборуваме за вистинска локална самоуправа мислиме на општина во која граѓаните навистина одлучуваат за приоритетите а не неколку луѓе зад затворени врати да го прават тоа. Во пракса тоа значи транспарентно управување со буџетот, јавни седници на советот со обезбеден видео пренос, средби и анкети на граѓаните пред да се донесат одлуки за капитални проекти,  ставање крај на партиските вработувања и злоупотребата на општината во насока да се користи како партиски штаб.

Антропол: Која е Вашата порака до жителите на Бутел пред изборите?

Димовски: Време е општината да припаѓа на граѓаните а не на партиите и нивните интереси. Во изминатите години видовме доволно празни ветувања и недовршени проекти. Сега е време за промена што ќе се мери со дела а не со празни зборови. Левица нуди чесни луѓе кои недолжат никому освен на народот, луѓе кои се подготвени да работат за секој дел од општина Бутел, од Радишани и Љубанци до Визбегово и Бутел 2.

Ги повикувам сите граѓани сега да ја искористат својата моќ  и да изберат општина што ќе работи правично и транспарентно. 

Бутел заслужува повеќе а ние сме подготвени да го направиме тоа можно. 

Може да ве интересира