- Став на проф. д-р Благица Сековска
Во предизборниот период, кога секој збор и секој миг на медиумски простор се пресметува со политичка тежина, едно прашање одекна силно:
Дали исклучувањето на Левица од јавните електронски медиуми претставува цензура?
Што е цензура? Цензура е потиснување или ограничување на говор и комуникација што некој авторитет – влада, медиум или институција – ја смета за непријатна, штетна или несоодветна за јавноста. Па, да прашаме отворено: дали говорот на Левица е навистина штетен за јавноста – или е само штетен за владеачката партија?
Предизборните спотови на Левица, кои за жал можат да се видат единствено на социјалните мрежи, се позитивни, свежи, креативни и исполнети со пораки за промена.
Во нив нема говор на омраза, нема провокации, нема навреди. Единственото „опасно“ нешто во нив е вистината што им пречи на оние што со години владеат, бидејќи го допираат народот и ја зборуваат вистината.
И тука доаѓаме до суштината: ова не е прашање на медиумска регулатива, туку на политички страв. Страв од порастот на популарноста на Левица и од можноста вистинската опозиција да стигне до секој граѓанин. А кога вистината станува проблем, тогаш веќе не зборуваме за демократија, туку за контрола на јавниот простор.
Политички страв под превезот на „закон“.
Владејачката партија, плашејќи се од растот на поддршката за Левица, прибегнува кон серија неморални и нелегални чекори.
Првиот чекор е оневозможување на пристапот на политичката партија Левица до поширок круг граѓани преку забрана за рекламирање на јавните медиуми – под изговор дека „таков е законот“. Јасно е како ден дека законот се интерпретира злонамерно и неточно, но дури и ако се повикаме на закон, тој директно го нарушува Уставот. Имено
Член 8 став 5 гарантира политички плурализам и демократски избори.
Член 9 гарантира дека сите граѓани се еднакви во правата и слободите, независно од политичкото уверување, додека
Член 16: гарантира слобода на говор и информирање, додавајќи јасно – „Цензурата е забранета.“
Значи, не станува збор за закон, туку за злоупотреба на законот за партиски интереси, па и на лаик му станува јасно дека ова не е правна, ами политичка одлука со цел заштита на партиските интереси.
Втората активност која ја презема владеачката партија е уште поопасна – црна кампања и фабрикување на лаги и дезинформации со цел дискредитација на политичката парија Левица. Имено, на секој митинг, како и во сите медиумите блиски до власта постојано се повторува лагата дека Левица е во коалиција со СДСМ и ДУИ.
Тоа е класичен пример на Гебелсова пропаганда: сто пати повторена лага станува „вистина“.Разликата е очигледна: СДСМ и ДУИ се излитени структури, потонати во криминал и корупција, додека Левица никогаш не била на власт, нити пак има црни дамки и токму затоа се плашаат од неа. Таа е единствената политичка сила која не го должи својот опстанок на компромис со криминални елити, за разлика од политички потрошените и извалкани СДСМ и ДУИ.
Третата стратегија е суптилна, но видлива – вештачко факторизирање на СДСМ како главен политички опонент на овие избори. Зошто?
Затоа што за власта е полесно да се бори со предвидлив, ослабен и контролабилен противник. За разлика од СДСМ, Левица, е млада, енергична, идеолошки јасна, непоткуплива и непредвидлива, а токму тоа ја прави опасна за системот и реалната закана за статус квото. Затоа јасно е како ден, дека факторизирајќи ја СДСМ, владеачката партија го бира помалото зло, по себе и по својот разнишан рејтиг.
Кога демократијата се плаши од вистината, тогаш нема демократија
Она што и се случува на политичката партија Левица во предизбориево не е техничка грешка или недоразбирање. Тоа е свесен чин на политичка цензура.
Кога властите ја прикриваат вистината, кога го ограничуваат правото на јавен настап и го контролираат политичкиот натпревар – тоа е знак дека демократијата е сведена на форма без содржина. Тоа е јасна слика на систем што се плаши од народот. А најголемиот доказ за силата на Левица е токму тоа — дека се обидуваат да ја замолчат.
Историјата не учи дека цензурата никогаш не го спасила ниеден систем – само го направила народот погласен.
Затоа, колку и да се обидуваат да ја замолчат, вистината на Левица ќе продолжи да се слуша, бидејќи најголемата цензура не е во медиумите – туку во стравот од вистината.
Да резимирам со зборовите на Пјер-Жозеф Прудон „Цензурата е признавање на стравот од вистината.“

