В.Д. градоначалникот на Кочани, Венко Крстевски, предизвика лавина реакции поради изјавите дадени во телевизиско гостување, во кои директно го обвини сега починатиот Панчо од музичкото дуо ДНК дека е виновен за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“, во кој животот го загубија 63 лица.
Крстевски тврдеше дека Панчо лично ги донел и запалил пиротехничките средства во дискотеката, иако не бил дел од обвинението за случајот. Ваквите обвинувања предизвикаа шок и револт во јавноста, особено што речиси сите изведувачи кои настапувале во „Пулс“ досега јавно изјавија дека никогаш не носеле пиротехника на настапите, туку таа секогаш била обезбедувана од сопствениците на клубот.
Дополнително, Крстевски во своето гостување изјави дека Панчо, наводно, една недела пред трагедијата, донел пиротехнички средства и во една скопска дискотека каде што настапувале, па дури и дека таму се запалил звучник. Меѓутоа, граѓани кои биле присутни на тој настап, за нашиот медиум сведочат дека не забележале никакво запалување или инцидент, иако стоеле во непосредна близина на бината.
По ваквите тешки обвинувања, со остра реакција се јави поранешниот кошаркар Перо Антиќ, долгогодишен пријател на Панчо. Антиќ јавно го нападна Крстевски, обвинувајќи го дека со вакви изјави се обидува да собере предизборни политички поени на грбот на трагедијата и на човек кој повеќе не може да се брани.
„Срамота е да го влечеш името на човек кој не е жив, само за политички поени. Тоа е најниско што може да се направи,“ напиша Антиќ на социјалните мрежи.
Јавноста со право се прашува – дали ова е нов обид да се префрли вината за катастрофата во „Пулс“ врз членовите на ДНК, кои веќе починаа, и на тој начин да се релативизира одговорноста на вистинските виновници?
Трагедијата во „Пулс“ и понатаму остава длабоки последици во македонското општество, а граѓаните очекуваат правдата да се утврди со факти и докази – не со политички изјави и меѓусебни обвинувања.
Следи го Антропол преку Google 
