Николоски побара одговорност од „власта на Левица“ – партија која никогаш не била на власт

Во обид да ја нападне опозицијата, вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски денеска излезе со уште една во низата контрадикторни изјави, во кои побара „одговорност од власта на Левица“ – партија која никогаш не била дел од извршната власт, ниту учествувала во каква било коалиција со СДСМ или ДУИ.

Николоски, кој во моментов се наоѓа во изборна кампања под превез на „работни активности“ во Гостивар, повторно го употреби политичкиот спин за „црна коалиција меѓу СДСМ, ДУИ и Левица“, иако фактите јасно покажуваат дека Левица е единствената вистинска опозициска партија во државата.

„Разликата меѓу нас и црната коалиција е што ние зборуваме за проекти,“ изјави Николоски, тврдејќи дека ДПМНЕ е единствената опција со визија. Но, токму „нивните проекти“ никој не може да ги види бидејќи најверојатно се со стелт технологија и невидливи за човечкото око.

Политичките аналитичари посочуваат дека ваквите изјави се показател за страв од растечката поддршка што Левица ја добива меѓу граѓаните, особено меѓу младите и разочараните гласачи на старите истрошени партии.

Фактот дека Левица, со само шест пратеници, успева да биде главна тема во изјавите на највисоките функционери на власта, говори за нејзиното растечко политичко влијание и за нервозата во редовите на ДПМНЕ, која очигледно го гледа револтот на народот како закана за својата комфорна позиција на власт.

Со вакви нелогични напади, Николоски не само што ја потценува јавноста, туку и ја потврдува перцепцијата дека старите истрошени и криминални партии се уплашени од новата политичка сила која не должи никому, освен на народот.