Кандидатот за градоначалник на Општина Карпош од Левица, Антонио Димитров, и носителот на советничката листа, Славко Митевски, на вчерашната средба со граѓаните на Карпош на која присуствуваа и претседателот на Левица, Димитар Апасиев, кандидатот за градоначалник на Скопје, Амар Мециновиќ и носителката на советничката листа на Левица за Град Скопје, Катерина Јовановска ја упатија својата порака до жителите на Карпош, дека е време општината конечно да се ослободи од партиските кругови, бетонизацијата и празните ветувања што 35 години ја држат во место.
Стигнавме до уште едни локални избори. И повторно ги слушаме истите ветувања – канализации, водоводи, паркови, градинки. Тоа се истите работи што се ветуваат 15 години, а ништо не е направено. Истите луѓе се кандидираат за петти пат и повторно нудат илузии. Доста е! – порача Димитров, нагласувајќи дека Карпош има огромен, но неискористен потенцијал.
Според него, општината располага со бројни културни, спортски и природни ресурси – од Водно, Зајчев Рид и аквадуктот, до локации како Скупи, аквапаркот и салата „Партизан“ – но сè тоа, наместо да се развива, „чмае и пропаѓа под негрижата на долгогодишните власти“.
Време е Карпош да заживее како вистинска урбана општина – со култура, спорт, паркови и јавен простор, а не со небодери и хаос. На 19 октомври, од нас зависи дали ќе продолжиме по истиот пат или ќе направиме пресврт, истакна кандидатот на Левица.
Носителот на советничката листа за Карпош од Левица, Славко Митевски, предупреди дека доколку општината продолжи со ваквото управување, „многумина ќе посакаат да се иселат“.
„Карпош мора да престане да се третира како плен за градежната мафија. Жителите не бараат небодери, туку зеленило, воздух, хигиена и мир – елементарни услови за достоинствен живот,“ рече Митевски.
Тој потенцираше дека Левица планира ревизија на сите урбанистички планови и забрана за градби повисоки од четири ката, како и изградба на монтажни гаражи за решавање на проблемот со паркирањето.
Во делот на социјалните политики, Левица предвидува изградба на мали домови за стари лица, дневни центри за лица со попреченост, како и општински станови за млади брачни парови со симболична кирија – за да се намали ценовниот притисок на пазарот на недвижности.
Една од клучните мерки е и обезбедување парно греење за сите семејства, особено во Бардовци и Нерези, со што би се намалило загадувањето и би се унапредил квалитетот на воздухот.
Имаме визија, имаме програма и имаме тим кој нема врски со корупцијата и партиските структури. Ние нема да ветуваме невозможни работи – ние ќе ги исполниме и она што другите го ветуваат,“ порача Митевски.
Со оваа платформа, Левица во Карпош најавува нов почеток за општината – општина во служба на граѓаните, а не на партиските елити и инвеститорите.
