АФЖ – Левица: Руралните жени се маргинализирани – потребно е платено породилно отсуство за земјоделките

По повод Меѓународниот ден на руралната жена, Антифашистичкиот фронт на жени (АФЖ) на Левица потсети дека жените од руралните средини и понатаму се соочуваат со длабока системска маргинализација, иако имаат клучна улога во земјоделското производство и опстанокот на руралните заедници.

Во соопштението се истакнува дека Левица, преку пратеничката Јована Мојсоска, е единствената политичка сила која поднела предлог-закон за платено породилно отсуство за жените земјоделки во Собранието. Според Мојсоска, ова прашање не може да се решава со привремени мерки или краткорочни програми на министерствата, туку бара трајно и законско решение кое ќе обезбеди социјална правда.

АФЖ Левица потсетува на поразителниот податок дека во текот на целата 2023 година само две жени поднеле барање за породилно отсуство, а ниту едно не било одобрено. „Овој факт јасно укажува на нефункционалност и дискриминација во државните програми“, се наведува во соопштението.

Од организацијата истакнуваат дека жените земјоделки во Македонија немаат никаква правна и социјална сигурност при мајчинство, ниту пристап до основни права како здравствено осигурување и пензиски стаж. Затоа, АФЖ најавува активности за едукација и поддршка на руралните жени – како да се регистрираат како земјоделки-поединци и да ги остварат своите законски права.

Може да ве интересира