Кандидатот за градоначалник на Скопје од Левица, Амар Мециновиќ, реагира на вечерашната телевизиска дебата помеѓу кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Орце Ѓорѓиевски и Каја Шукова, нарекувајќи ја „расправа за тоа во каков ковчег ќе го погребат градот“.
– Јас бев повикан на дебата со останатите кандидати, додека Орце и Каја, изгледа, од Господ имаат индиции дека вториот круг е веќе јасен, па имаат дуел пет дена пред гласањето за првиот круг – изјави Мециновиќ.
Тој порача дека Скопјани имаат поинаков избор од „оној на олигархијата“ и повика на масовна мобилизација на 19 октомври.
Во видеообраќање, Мециновиќ рече дека додека Ѓорѓиевски и Шукова дебатираат на телевизија, тој и лидерот на Левица, Димитар Апасиев, биле во Драчево, „во дворот на Орце“, каде околу 4.000 граѓани имаат имотни листови на кои како сопственик стои Република Македонија, а проблемот не им се решава бидејќи „не се инвеститори, не се бизнисмени“.
– Затоа прогласување на втор круг пред тој да се одржи ние не го прифаќаме. Ние сме договорени со ова комбе овде да идеме во втор круг, ама за тоа навистина ни треба ваша помош. Уште пет дена имаме да се мобилизираме – порача Мециновиќ.
Тој додаде дека „ВМРО и СДСМ не можат повеќе да ја кројат судбината на граѓаните“ и дека „Скопје овој пат нема да ги прифати нивните политики“.
– Доста беше, овој пат им ставаме крај на нивното владеење. Ве повикувам сите во недела да покажеме дека ние имаме други планови за втор круг – заврши Мециновиќ.

