Трета штипска конфекција ги остави работниците без плати – 34 вработени во „BLS Moda Ekskluzif“ со откази и без егзистенција

По „Елит Фешн“ и „Европа Фешн“, уште една штипска конфекција – „BLS Moda Ekskluzif“ – ги остави своите вработени без исплатени плати и со откази. Станува збор за 34 работници кои не ја добиле својата заработка за август и септември, а потоа добиле и откази од работа.

Ова е трет случај во Штип за краток временски период каде што текстилни компании ги напуштаат своите вработени без објаснување. Заедничко за сите три фирми е што нивните управители се странци, иако законски се обврзани да имаат полномошник – државјанин на Македонија, нешто што, според достапните информации, ниеден од нив не го сторил.

И додека „Елит Фешн“ и „Европа Фешн“ на своите работници им дале откази од деловни причини, во „BLS Moda Ekskluzif“ отказите биле издадени поради истекување на договорите на определено време.

Работниците сведочат дека тие самите побарале да им бидат издадени откази, откако останале без плата и без никакви информации од менаџментот. Сепак, наместо реалната причина, деловни проблеми, во решенијата било наведено „истекување на договори“, со што вработените се лишени од право на повисоки надоместоци пред Агенцијата за вработување.

– Работниците сме оставени без средства и без никакво известување од страна на раководството. За овој проблем се обративме до Управата за јавни приходи, Трудовата инспекција и други надлежни институции, но досега нема никаква реакција. Наместо поддршка, се соочивме со пасивност, пристрасност и очигледна корупција во институциите кои треба да ги заштитуваат работничките права – велат вработените.

Тие додаваат дека очекувале „транспарентност и европски однос“, бидејќи станува збор за холандско-македонска компанија, но дека реалноста е сосема поинаква.

Од Управата за јавни приходи (УЈП) за Канал 77 изјавија дека тие постапуваат во рамките на своите надлежности и редовно доставуваат до Државниот инспекторат за труд листи на работодавачи кои не ги платиле месечните пресметки за придонеси и плати.

– По истекот на законскиот рок за плаќање, УЈП испраќа опомени и доколку не следи уплата, изготвува решенија за присилна наплата преку блокада на сметките – велат од Управата.

Од Инспекторатот за труд потврдија дека има пријава за посочената фирма и дека во моментов се води постапка против работодавецот. Процедурата предвидува најпрво опомена до фирмата да ги исплати платите, а ако тоа не се случи, следува наредба и потоа казнена постапка против фирмата и управителот.

Од здруженијата за заштита на работничките права апелираат работниците во вакви ситуации да бидат внимателни и да инсистираат да им бидат издадени откази од деловни причини, со што би стекнале право на отпремнина и надоместок од Агенцијата за вработување, зависно од стажот и висината на претходните примања.

Со овој случај, Штип повторно станува симбол на неправдите во текстилната индустрија, каде што жените и мажите кои со години работат за минимална плата, на крај остануваат и без таа и без правна заштита.

Може да ве интересира