Во најжешкиот дел од изборната кампања, само три дена пред нејзиното завршување, локалната власт во Вевчани предводена од ДПМНЕ спроведе крајно сомнителен потег, започна со асфалтирање токму на улицата каде што се наоѓа канцеларијата на Левица, со што практично го блокира пристапот до неа.
Од Левица – Вевчани реагираат остро, оценувајќи го потегот како политички мотивирана саботажа и антидемократски чин, со цел да се спречи комуникацијата на партијата со граѓаните во клучните денови пред изборите.
„На само три дена пред крајот на кампањата, локалната власт реши токму сега да започне со асфалтирање на улицата на која се наоѓа нашата канцеларија. Со ова се оневозможува пристапот на нашите членови, активисти и симпатизери, како и на сите граѓани кои сакаат да се информираат или вклучат во нашите активности,“ стои во соопштението.
Од партијата порачуваат дека ова е очаен обид на власта да изврши притисок врз опозицијата, користејќи ги јавните ресурси како партиско оружје наместо за потребите на граѓаните.
„Овој срамен потег е уште еден доказ дека власта на ДПМНЕ ја користи општината како приватен имот и го уништува политичкиот плурализам во Вевчани. Таквото однесување е понижувачко за целата локална заедница,“ велат од Левица.
И покрај ваквите пречки, Левица најавува дека нема да отстапи, и дека ќе продолжи со својата политичка борба до крај, „без разлика на сите обиди на власта да ја замолчи вистината и да го спречи народот да слушне за третата опција.“

