Амар Мециновиќ за Рацин: „Сакам Скопје да стане функционален град кој ќе им служи на своите граѓани, а не на партиите“

„Мојот град е во ужасна состојба. Триесет години Скопје не им служи на своите граѓани, туку на партиите,“ вели Амар Мециновиќ, најмладиот кандидат за градоначалник на главниот град, во интервју за порталот Рацин.
По искуството во, како што го нарекува, „најдисфункционалниот совет во историјата на Скопје“, Мециновиќ влегува во изборната трка со цел – да го врати градот во рацете на граѓаните.

„Јавните претпријатија не се неспособни, туку намерно оставени хендикепирани за да се оправда нивната приватизација,“ вели тој, најавувајќи серија реформи, почист град и транспарентна власт.

Мециновиќ потенцира дека е роден во деведесеттите и дека целиот негов животен век минал во „град кој не ги исполнува обврските кон своите граѓани“. Тој додава дека, како советник, видел што значи власт која е целосно отуѓена од јавниот интерес.
„Ако повторно им се дозволи на истите блокатори да владеат со Скопје, можеме да очекуваме уште полоши четири години,“ предупредува тој.

Мециновиќ нагласува дека јавните претпријатија не се неуспешни поради нестручност, туку поради политичка саботажа.
„Треба да се спуштиме долу, меѓу работниците, да ги разбереме нивните реални проблеми. Наместо да се менуваат директорите според партиска линија, ќе воведеме јасни, мерливи цели за нивната работа,“ објаснува тој.

Во таа насока, како дел од енергетската ефикасност, Мециновиќ најавува изградба на фотоволтаична централа за ЈП „Водовод и канализација“, со капацитет од 10 мегавати и вредност од околу 7 милиони евра. Проектот, според него, би покривал повеќе од 60% од трошоците за електрична енергија, кои сега изнесуваат над 20 милиони денари месечно.

Како човек од Чаир, Мециновиќ не го крие разочарувањето од состојбата во неговата општина.
„Иако сум локален патриот, условите за живот во Чаир се катастрофални. Некогаш беше ‘спалната’ на центарот, денес е речиси уништен. Серава, Три Мала, Гази Баба – тоа се делови што личат на фавели,“ вели тој.

Сепак, подвлекува дека неговата визија не се ограничува на еден дел од градот:
„Без разлика дали некој живее во Чаир, Центар или Кисела Вода – сите сме граѓани на Скопје. Нашите заеднички проблеми се јавниот превоз, загадувањето и нефункционалните институции.“

Во фокусот на неговата програма се јавните простори и хигиената:
„Градот треба да има паркови, детски игралишта и јавни места кои не се комерцијализирани. Урбаната опрема мора да биде чиста и функционална. Чист град значи безбедност, достоинство и простор за дружење.“

Како симбол на обновата на градот, Мециновиќ ја издвојува изградбата на нов Луна парк, по цела деценија без него:
„Тоа не треба да биде приватна инвестиција, туку градски проект кој создава радост и спомени. Исто така, мора да ја обновиме Универзална сала со поддршка на Министерството за култура.“

Во пресрет на 2028 година, кога Скопје ќе биде Европска престолнина на културата, Мециновиќ истакнува дека е неопходна итна обнова на културните институции:
„Треба да се ревитализираат старите кина, да се отвори ‘Кино на ѕвезди’ и повторно да заживее Скопскиот фестивал. МКЦ и КИЦ се срцето на културниот живот и мора да добијат вистинска поддршка.“

Во делот на транспарентноста, тој најавува редовни јавни дебати со граѓаните при носењето на Генералниот урбанистички план, за луѓето конечно да имаат глас во одлуките што го менуваат нивниот простор.

На прашањето дали навистина користи јавен превоз, Мециновиќ се насмевнува:
„Се возам со ЈСП почесто од некои политичари што се сликаат во автобус. Но најмногу користам велосипед – тоа е мојот начин на живот и така ќе продолжам.“

Интервјуто со кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Амар Мециновиќ, е објавено на порталот Рацин.

Може да ве интересира