(Видео) Амар Мециновиќ: Влегуваме во втор круг – Левица е втора најсилна партија во Македонија

Кандидатот за градоначалник на Скопје од Левица, Амар Мециновиќ, по повод одбележувањето на годишнината од антифашистичкото ослободување на Македонија во Куманово, порача дека идеалите на борците од Народноослободителната војна се инспирација за денешната борба на работничката класа против неправдите и корупцијата.

„Чест е да се биде дел од овој ден кога го славиме ослободувањето на Македонија. Нас нè водат идеалите на нашите претходници кои, речиси голораки, успеале да се ослободат од фашистичкиот окупатор. Тогаш Македонија ја ослободија работниците и земјоделците, а не великопоседниците – и така ќе биде и сега,“ истакна Мециновиќ.

Тој нагласи дека денешната генерација е подготвена повторно да ја преземе таа задача – да ја ослободи Македонија од политичките и економските стеги што ја држат во место веќе три децении.

„Триесет години робуваме на истите интереси кои ни ги кројат судбините и ни ги уништуваат животите. Овој празник ни е потсетник дека борбата продолжува и дека нашата цел е конечно ослободување на Македонија и сите нејзини граѓани,“ додаде кандидатот.

Мециновиќ најави дека Левица влегува во вториот изборен круг, при што, според него, партијата станува втора најсилна политичка сила во државата.

„Енергијата е очигледна. Левица веќе година и половина ја има улогата на најсилна опозициска партија во парламентот – сега е време тоа да го види цела Македонија,“ порача тој.

Во своето обраќање, Мециновиќ остро ја критикуваше актуелната власт поради, како што рече, „погубните економски политики и енормното задолжување“.

„Се задолживме седум милијарди евра, а резултатот е едно големо ништо! После изборите сме подготвени уште пожестоко да се бориме против оваа деструктивна власт и уверени сме дека ќе постигнеме позитивни резултати,“ заврши Мециновиќ.

Може да ве интересира