- Став на Андреа Јанков
Постојат моменти во историјата на секој народ кога човек мора да застане, да се погледне во огледало и да си каже: „Добро бе, дали ние сме сериозни луѓе или биолошки куриозитет што само си ги полни и празни цревата?“
Таа фраза, толку прецизно народна, „ти го крстиш, оно прди“, не е само за скечеви, вицеви и пазарски трачеви. Тоа е политичка дијагноза на народ што со векови се надева на месија, а добива марионета, што вика „дајте нешто ново“, а гласа за истото, само спакувано во друга амбалажа.
Лумпен-пролетаријатот, онаа разединета маса без класна свест, без идеја и идеологија, без достоинство, не е само производ на сиромаштијата, туку е производ и на апатијата, од која се создава човек што повеќе не верува дека нешто вреди и може да се промени. Токму таквиот човек е оној што ќе го навреди работникот што штрајкува, ќе му се потсмева на студентот што протестира и ќе го мрази оној што мисли, затоа што мислењето бара труд, а трудот знае и да боли.
И така, додека им зборуваш за јавен интерес, за општествена правда, за враќање на работникот во центарот на економијата, и човекот како мерка на светот, истиот тој „народ“ што тврди дека му е доста од се и од сите, ќе излезе и ќе гласа токму за истите што му ги украдоа годините, платата и достоинството.
Ти ќе земеш да му објасниш што е енергетски монопол, што е концесија, што се јавни добра, а тој ќе ти одговори: „Ама тие даваат иљадарка на избори.“
Ќе му кажеш дека газдите го отпуштиле поради профит, а тој ќе рече: „Ама барем работа имаше.“
Ќе му покажеш дека асфалтот што му го фрлиле пред избори е платен од негов џеб, и тој пак ќе аплаудира ко да го донеле од дома.
Ќе му кажеш дека бекатонот на тротоарот, џамовите на школото, вреќата брашно и шишето зејтин не се милостина, туку подмитување со сопствени пари, и тој ќе ти се насмее.
Ќе се слика со својот џелат и ќе каже: „Ете, барем нешто направија.“
Тоа е трагедијата на нашата транзиција, не само што создадовме класа на олигарси и богати супер-граѓани, туку што создадовме бедници кои се гордеат со својата покорност.
Ги научи да се однесуваат како да преживувањето во сиромаштија е олимписка дисциплина и ги убеди дека тоа е небаре национална доблест.
И кога конечно ќе се појави политичка сила што барем пробува да зборува на нивен јазик, што не ги презира, што гледа да ги освести, тие ја гледаат како закана, затоа што за првпат некој не им продава ветер и магла, туку им подава огледало да си го видат вистинското лице.
А лумпенот, за жал, не сака огледало.
Лумпенот сака кловнови, песни и сендвичи.
Сака некој што ќе му рече дека е „избраниот народ“, додека тој истиот му ја сече гранката на која седи и го убедува дека гласањето за иридентисти е патриотски чин.
И сè додека лумпенот постои, секој обид за свесна политика ќе завршува со истата иронична судбина:
Ти му даваш идеологија – оно ти бара селфи.
Ти му даваш парола – оно ти бара пари.
Ти му нудиш иднина – оно бара комедија и ефтина забава.
А вистинската политика не е шоу, туку судир, меѓу достоинство и послушност, меѓу мисла и навика, меѓу класна свест и лумпен-задоволство.
Додека мнозинството аплаудира на своите џелати, Левица ќе продолжи да се бори против нив, и секојдневно да акумулира во своите редови нови будни и класно освестени луѓе. Токму тоа е можеби и главниот фронт на борбата, создавање на нов пролетаријат, со кој на крајот неминовно, ние ќе победиме!
Следи го Антропол преку Google 
