(Видео) Апасиев: Зошто да немаме кандидати во Гостивар, Тетово и Струга – Не е државата до Групчин

Во најновото издание на подкастот „Пола/Пола“ со Мишко и Оле, лидерот на Левица, проф. д-р Димитар Апасиев, ја коментираше политиката на ВМРО-ДПМНЕ и нејзините предизборни калкулации со партиите од албанскиот блок.
Говорејќи за настапот на Левица во Тетово, Гостивар и Струга, Апасиев нагласи дека неговата партија има право и обврска да настапува во секој дел од Македонија, бидејќи, како што рече, државата не завршува во Групчин.

„Зошто да не отидеме во Тетово и Гостивар? Не е државата до Групчин, како што мисли Мицко. Мицкоски и Касами си ја имаат поделено државата по принципот на окупационите зони од Втората светска војна – балистите од Групчин натаму, врховистите од Групчин наваму,“ изјави Апасиев.

Тој ја опиша моменталната состојба како шизофрена ситуација, во која, според него, македонските гласачи во Тетово се насочуваат да гласаат за најголемиот антимакедонец, Биљал Касами, поради политички договори на врвот.

„Гледајте ги сега, ги тераат Македонците во Тетово да гласаат за човек што е иредентист, сепаратист, необалист, профашист, антимакедонец, и тие ќе го гласаат!“, рече Апасиев, коментирајќи го односот меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Беса.

Како пример ја спомена и ситуацијата во Струга, каде што, ВМРО-ДПМНЕ ги повикува своите гласачи да не ја поддржат кандидатката на Левица, Јована, туку да гласаат за друг кандидат поради партиски интереси.

„Во Струга, вмровците нема да ја гласаат Јована затоа што партијата ќе им каже да гласаат за тој другиот,“ рече Апасиев, алудирајќи на партиските договори зад кулисите.

Левица не прифаќа поделби по етничка или територијална линија, нејзината цел е да ја врати државата на граѓаните, еднакво на сите, без поделби и клиентилизам.

Може да ве интересира