Кандидатот за градоначалник на Куманово од Левица, Мирослав Петковиќ, на дебата остро ја критикуваше состојбата на локалната политика, обвинувајќи дека наместо идеи и визии, во градот доминира непотизмот и партиската логика на лични интереси.
„Во оваа расправија генерално само слушаме кум, кариери во партија. Тука сме на локални избори. Ние во општина Куманово моментално имаме политика на шуробаџанаштина и ништо повеќе,“ изјави Петковиќ.
Тој порача дека Левица влегува во изборната трка во Куманово со цел да ја врати политиката на ниво на јавен интерес, а не на лични врски и привилегии. Според него, граѓаните се изморени од партиските комбинации и бараат луѓе кои ќе работат чесно и отчетно за сите жители, без разлика на нивната припадност или поврзаност.
Петковиќ додаде дека Куманово има потенцијал за развој, но тој потенцијал се гуши во клиентелизам и партиски пазарења. Левица, вели тој, ќе понуди модел на транспарентно и народно управување со ред, правда и одговорност во секоја институција.

