Средба на Мециновиќ со Здружението за глуви и наглуви лица: „Градот мора да им припаѓа на сите!“

Пратеникот на Левица, Амар Мециновиќ, вчера оствари средба во клубот на Здружението за глуви и наглуви лица при Град Скопје, заедно со носителката на листата за Скопје, Катерина Јовановска, и носителот на листата за Центар, Андреј Куцуловски.

Во пријатна и искрена атмосфера, тие разговараа со членовите на здружението за предизвиците и секојдневните бариери со кои се соочуваат лицата со оштетен слух во главниот град.
Мециновиќ истакна дека токму овие граѓани, кои се дел од најчесто занемарените категории во општеството, заслужуваат поголема институционална поддршка и видливост во јавните политики.

„Нашата цел е да ја истакнеме потребата од посериозен пристап на институциите кон лицата со попреченост. Нивниот живот не смее да зависи од добра волја, туку од системски решенија и поддршка“, порача Мециновиќ.

На средбата биле отворени и прашања од поширок јавен интерес – како што се проблемите со јавниот превоз, загадувањето на воздухот и недостигот на квалитетни јавни услуги.
Посебен акцент бил ставен на финансиската поддршка на клубот, преку која би се овозможиле програми за подобра достапност на услугите на градот и развој на спортските активности на членовите.

„Веруваме дека политиките мора да се градат врз основа на реалните потреби на граѓаните, а не на интересите на малкумина. Јавниот интерес мора конечно да победи над приватниот – градот е наш, и им припаѓа на сите!“, порачаа претставниците на Левица.

Со оваа средба, Левица уште еднаш го нагласи својот став дека општеството е силно само тогаш кога се грижи за најранливите, а градот треба да биде простор во кој секој граѓанин се чувствува рамноправен и слушнат.

Може да ве интересира