Во Општина Аеродром е забележан сериозен случај на повреда на изборните правила и злоупотреба на јавна установа за партиска промоција. Основното училиште „Браќа Миладиновци“ – Аеродром на својот официјален фејсбук-профил споделило видеа поврзани со кампањата на Дејан Митески, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на општината.
Се работи за директен судир со изборните правила за институционална неутралност и забрана на политичка пропаганда во јавни установи, особено во образовни институции.
Правниците за изборно право потсетуваат дека јавните институции и нивните службени канали не смеат да се користат за промоција на кандидати, листи или партии за време на изборен период. Во спротивно, следуваат мерки од Државната изборна комисија (ДИК), Државниот просветен инспекторат и надлежните инспекции – вклучително и налози за отстранување на содржината и покренување прекршочни постапки.
По бурните реакции во јавноста, видеото било отстрането, но како што велат правните експерти – интернетот памети, а доказите остануваат. Одговорноста, велат, сега е на надлежните институции, кои треба навремено да реагираат и да го разгледаат случајот.

