Кандидатката за градоначалник на Струга од редовите на Левица, Јована Мојсоска, заедно со носителот на советничката листа Климе Карамитриески, учествуваше на дискусија организирана од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.
Настанот беше посветен на улогата на локалната самоуправа во превенцијата и заштитата од семејно насилство, тема која, според Мојсоска, е долгогодишно запоставена од општина Струга.
„Иако локалната самоуправа има законски обврски и надлежности во заштитата од семејно насилство, фактите се дека општина Струга целосно заостанува во тој поглед,“ изјави Мојсоска.
„Податоците покажуваат дека сè повеќе жртви се охрабруваат да ги напуштат насилниците, но економската зависност останува коренот на проблемот поради кој многу жени и понатаму трпат насилство.“
Во своето обраќање, Мојсоска ја презентираше програмата на Левица за социјална заштита и поддршка на жртвите на семејно насилство, во која се предвидува:
Отворање шелтер-центар за жртви на семејно насилство во Струга;
Финансиска поддршка за домување на жртвите кои решиле да го напуштат насилникот;
Предност при вработување за самохрани мајки и жртви на семејно насилство.
„Мојата главна порака е дека игнорантноста и неспособноста на институциите не смеат да коштаат човечки животи. Жените не бараат милостина, бараат систем што ќе ги заштити и ќе им даде шанса за нов почеток,“ порача Мојсоска.

