Газдата на „ИГМ Трејд“ од Кавадарци не ја пуштил во фирмата, адвокатката на фамилијата на загинатиот работник од Кина

Адвокатката Маја Ристова, која ја застапува фамилијата на работникот од Кина што неодамна почина на работното место во Кавадарци, јавно го обвини сопственикот на компанијата „ИГМ Трејд“, Илија Гечев, дека ѝ забранил влез во фабриката за време на посетата со клиентите и дека се однесувал крајно некултурно.

Ристова најави дека ќе побара темелна истрага за случајот и порача дека нема да дозволи истиот да биде заташкан. Таа посочи дека медиумите, како што рече, „случајно или намерно“ не ја објавиле фирмата каде што починал 38-годишниот работник од Кина.

Адвокатката тврди дека сопственикот, кого го нарече „локален шериф“, го ангажирал странскиот работник иако не му бил регулиран престојот и работниот однос.

„Јас сум адвокатка која својата работа ја темели на закон, на вистина и на правда. Не се плашам од титули, ‘моќници’, ниту ме засега кој од која политичка партија е. Ќе се погрижам институциите да ја завршат својата работа – законски, транспарентно и до крај. Ќе се отвори секој документ, ќе се разгледа секој доказ и ќе се чуе гласот на оние кои немаат можност сами да се бранат,“ изјави Ристова.

Таа додаде дека навредите не ја допираат, туку ја мотивираат уште повеќе, нагласувајќи дека ќе инсистира на целосно расветлување на сите околности поврзани со смртта на кинескиот работник.