Кандидатот за градоначалник на Скопје од Левица, Амар Мециновиќ, порача дека градските власти мора конечно да започнат со решавање на вистинските извори на аерозагадувањето, наместо да се фокусираат на неговите последици.
Во рамки на средбите со граѓаните во Аеродром, Центар и Кисела Вода, Мециновиќ ја презентираше програмата #СкопјеСЕГА, нагласувајќи дека досегашните градски политики неправедно ја префрлаат вината врз сиромашните граѓани, додека големите индустриски загадувачи остануваат недопирливи.
„Град Скопје го посочува прстот кон сиромашните, како тие да се виновни, наместо да работи на санкционирање на вистинските загадувачи. Мора да се зголеми бројот на инспекторите за животна средина, да се опремат со дронови за поефикасна работа на терен и да се унапреди соработката со Министерството за животна средина,“ истакна Мециновиќ.
Тој потенцираше дека градот во моментов нема доволно надлежности за директен инспекциски надзор над индустриските капацитети, бидејќи тие се под ингеренции на Министерството за животна средина — што, според него, мора да се смени за да се воспостави вистинска контрола врз најголемите загадувачи.
Покрај тоа, Мециновиќ го нагласи јавниот транспорт како клучен сегмент од неговата програма:
„Со решавање на проблемот со јавниот транспорт — кој е еден од главните фокуси во нашата програма — ќе се реши поголем дел од проблемите во Скопје, вклучително и аерозагадувањето,“ изјави тој.
На крајот, Мециновиќ изрази оптимизам за текот на кампањата и уверување дека Левица е „сè поблиску до влез во вториот изборен круг“.
Следи го Антропол преку Google 
