Во јавно обраќање до сограѓаните, носителот на советничката листа на Левица во Гевгелија, Никола Петров, ја повика јавноста да стави крај на три-децениското владеење на партиите што, според него, ги ограбиле локалните ресурси и ги оставиле граѓаните во запоставеност. Петров директно ги обвини ДПМНЕ и СДС за системска распродажба и корупција, при што ги повика гевгелчани да гласаат за „владеење на народот“ и да заокружат 6 за листата на Левица и кандидатот за градоначалник Тони Аврамов.
Во овие денови од кампањата за локалните избори се изнаслушавме сѐ и сешто, река од ветувања и слатки зборови од нашите класни противници, претставниците на олигархијата, ДПМНЕ и СДС.
Нашите против кандидати зборуваат и ветуваат работи како на пример: асфалтирање патишта, крпење на дупки, правење на водовод и канализација, тротоари и паркови, но, почитувани сограѓани, нели они имаа 34 години наназад да ги решат сите комунални проблеми во општината?!
Го поставувам прашањето:
Што работеа и на што ги трошеа нашите пари последните 3 децении?!
Каде се нашите пари?!!
Дали денес, во 2025 година, 21 век, кога современиот свет отиде далеку напред, ние треба да зборуваме за тие работи?
Наместо денес да зборуваме за инсталирање на смарт технологии, за дигитализација во работата на јавната администрација и услугите, наместо да зборуваме за циклична економија и управување со отпадот, за еколошки и модерен јавен градски превоз, за зелена енергија и самоодржливост, за бесплатни здрави оброци во училиштата, за спа услуги на нашите пензионери, за 4 дневна работна недела, и така натаму, ние уште треба да ги решаваме работите кои веќе требаше да бидат решени во минатиот век.
Но што направија тие приватни фирми наречени партии почитувани сограѓани.
Тие го искрадоа целиот наш општествен имот до сега. Приватизираа сѐ што можеше да се приватизира и украдоа сѐ што можеше да се украде. И никој до сега не ги праша од каде ви се парите за палатите со базени, хациендите, за луксузните возила, за викендиците итн.
Каде се нашите гевгелиски гиганти: Зора, Електронка, Елегант, Винојуг, Трансбалкан, Солун итн. Сѐ што можеше да се украде, украдоа, сѐ што можеше да раскрчмат, крчма направија, за они да се збогатат, а народот го исфрлија на улица. Денес крадат преку тендери, крадат од јавните претпријатија, крадат од непостоечки услуги, крадат од секаде каде што ќе стигнат.
Дали почитувани сограѓани е дојдено времето после 34 години некој да им застане на патот!?
Дали е дојдено времето да одговараат за сите злосторства што ги направија против својата држава и народ?!
Ние сме овде да им застаниме на патот, и затоа тие се плашат од нас и секакви препреки ни прават, ни се закануваат, не уценуваат, не забрануваат, но ние не запираме, ќе издржиме до крајот, до нашата победа!
Пред неколку дена, почитувани сограѓани, го слушам Мицковски на телевизија како кажува дека патриотски чин било да се прават повеќе деца.
Еве јас од овде ќе му одговорам:
Најпатриотски чин Христијан Мицковски е да ве снема вас и тие како вас од политиката, најпатриотски чин во оваа наша држава Република Македонија е народот да ги развласти еднаш за секогаш ДПМНЕ и СДС и да ги испрати на буништето на историјата!
Власта мора и ќе му припаѓа на народот, а не на политичките елити, не на олигархијата!!!
Затоа заокружете 6 на овие избори!
Гласајте за листата на Левица и Тони Аврамов идниот градоначалник на Гевгелија!

