Вевчани, општина позната по својот непокор и бунтовнички дух, повторно го подига гласот против неправдите. Овојпат, преку Левица, која за првпат излегува со своја советничка листа. Во интервју за Антропол, Христијан Мурџески, носител на советничката листа на Левица во Вевчани, зборува за борбата против партизацијата и корупцијата, за враќањето на чесноста во институциите, за плановите за инфраструктура, туризам и младински развој – но пред сè, за обновата на борбениот дух на вевчанци. „Како и во 1987 година, кога Вевчани му се спротивстави на системот, и денес народот повторно чувствува дека е време за отпор и промени,“ вели Мурџески.
Вевчани е познато како општина со силен дух на отпор и самобитност. Како се вклопува политичката идеологија на Левица во овој локален контекст и што е тоа што ја прави вашата листа различна од останатите?
Мурџески: Точно така, борбата и револуцијата се длабоко вкоренети во суштината на Вевчани и секој вевчанец. Настаните во 1987 година, тогаш се токму проекции на веќе растечкиот револт и сето тоа резултираше во отпор. Таквиот отпор беше успешен. Денес ја гледаме истата напнатост, и за тоа сведочат низа настани. Последниот беше начинот на кои се вработија апликантите во болницата во Вевчани, односно примени беа последно рангираните, каде за главен критериум беа земени етничката и политичката припадност. Понатаму пренатрупаноста на општинската администрација, вработувањата без решение во општинското основно училиште, негрижата за јавниот простор и ред други работи. Токму ваквите постапки на политичките елити го подгреваат револтот кај вевчанци. И токму затоа се јави Левица, која за првпат има своја листа на овие избори. Односно, во ваквиот случај Левица ја игра улогата на отпор, идентичен со оној кој се случи во 1987 година. Во трка се и т.н. големи играчи СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за чии резултати сведочиме веќе 35 години, исто така ЗНАМ за првпат имаат своја листа, но ЗНАМ веќе добро е познат како привезок на власта, и со тоа Левица останува како единствена опција и обединувачки фактор на борбениот дух на вевчанци.
Во последните години Вевчани се соочува со проблеми во инфраструктурата и јавните услуги. Кои се клучните приоритети што би ги поставиле како советничка група доколку добиете доверба од граѓаните?
Мурџески: Нашиот главен метод за сузбивање на ваквата институционална поставеност е департизацијата на јавната администрација и воведување на мерит-системот, кој нужно ќе доведе до подобрување на јавните услуги. Вевчани исто така бележи видни проблеми со инфраструктура, често сме сведоци на асфалтирање, подобро кажано реасфалтирање на истите улици преку познатите тендер шеми кои ги полнат џебовите на малкумина, додека пак вевчанци тешко се движат во нивниот простор. Ние како Левица ќе понудиме автентични и алтернативни решенија со отворање на јавни претпријатија кои ќе ја организираат инфраструктура на целата територија на општината и значително ќе го олеснат движењето на жителите.
Туризмот и културното наследство се главни адути на Вевчани. Како би го подобриле туристичкиот развој, а притоа да не се наруши автентичноста и природната убавина на местото?
Мурџески: Вевчани претставува едно од најкарактеристичните места во Република Македонија со изобилство на природни феномени и автентична домашна храна која ги повикува туристите од сиот свет. И тука се јавува најголемиот проблем, немаме на паркинг простор. Нашата цел е изградба на катна гаража со подземно и надземно ниво со тоа туристите повторно би го одбрале Вевчани како нивна дестинација, но исто така ќе го реши и проблемот и за вевчанци. Понатаму Вевчани е богато со значителен број на стари куќи кои денес се културни музеи, иако заштитени туристите ретко имаат пристап до нив, а локалните власти не превземаат ништо за ваквата ситуација. Нашата замисла е отворање на овие културни објекти за посетители, дури и организирање на културни манифестации во нивниот простор. Да не заборавам и музејот во Вевчани, кој од неговото отворање се соочува со потешкотии од локалната самоуправа. Нашата иницијатива е вработување на стручњаци од областа на музеологијата и археологијата кои неуморно ќе се грижат за развивањето на овој музеј. За крај ќе изградиме обележани патеки со патокази до сите дестинации кои ги нуди Вевчани, за полесно ориентирање и стигнување до истите.
Младите луѓе од Вевчани се сѐ поретко вклучени во локалните иницијативи и остануваат без перспектива. Како би ги мотивирале да се вратат и активно да учествуваат во општинскиот живот?
Мурџески: Како што веќе најавив, на младите ќе им обезбедиме простор активно да бидат вклучени во културниот живот, со тоа што старата полициска зграда ќе ја претвориме во Младински Културен Центар, каде што младите ќе можат продуктивно да го поминуваат своето време, творејќи и дружејќи се. Понатаму ќе направиме обуки со кои ќе им помогнеме како да се вклучат директно во демократските процеси како советодавно тело преку кое ќе може да одлучуваат во насока на тоа во кој правец ќе се движи развојот на општината. Главниот мотив ќе биде нивното задржување во Вевчани, а не заминувањето кое го предизвикува безидејноста на нашите политичари, чија единствена цел е личниот бенефит.
Што значи за вас и за Левица „чесна и народна општина“? Како ќе се спротивставите на партизацијата и корупцијата кои долги години го кочат развојот на Вевчани?
Мурџески: Како што веќе кажав нашата цел е департизација на јавната администрација, преку која значително ќе се подобри развојот и насоката во која ќе се движи Вевчани, и на тој начин корупцијата ќе биде брзо искоренета. На конкурсите кои ги распишува општината ќе се одбираат најдобрите без разлика од возраста, полот, етникумот, политичката припадност или религиската вероисповед. Чесноста, отчетноста и транспарентноста се главни одлики на работата на Левица како единствена народна опција која за единствена улога ја има службата на народот. За крај сакам да им порачам на моите сожители да не потклекнат пред заканите, да не паѓаат во духот бидејќи ова е наша борба и на крајот ние ќе победиме.

