Митревски: Време е Ресен повторно да стане град со живот, развој и иднина

Во интервју за Антропол, носителот на советничката листа на Левица во Општина Ресен, Филип Митревски, зборува за потребата од промени во локалната власт, за проблемите со земјоделството и туризмот, како и за предизвиците со кои се соочуваат младите во Преспа. Тој вели дека Левица нуди чесни и способни луѓе кои ќе го стават интересот на граѓаните пред партиските интереси и нагласува дека Ресен мора повторно да стане место во кое младите ќе сакаат да останат и да создаваат. Митревски потенцира дека земјоделството и јаболкопроизводството мора да се заштитат преку конкретни мерки како државен откупен центар, олеснети субвенции и стручна поддршка за производителите. Воедно, најавува и сериозен пристап кон туризмот, подобрување на инфраструктурата и чистење на преспанскиот брег. „Не плашете се од промената – време е за Ресен на народот, а не на политикантите“, порача Митревски.

Левица првпат настапува со силна советничка листа во Ресен. Што е главната порака што сакате да ја испратите до граѓаните и зошто сметате дека токму сега е време за промена во локалната власт?

Митревски: На Ресен му се потребни чесни, борбени, млади луѓе кои се способни да донесат промена. Тоа се оние луѓе кои јавниот интерес, интересот на ресенчани го стават пред сопствениот. И баш такви луѓе ја исполнуваат советничката листа на Левица. Доволно долго ние ресенчани остануваме занемарени од страна на локалните власти кои ние ги избравме. Катадневно гледаме како поради таа занемареност и негрижа кон нас нашите млади не напуштаат, како езерото ни се повлекува, односно како целата еколошката состојба во Преспа е катастрофална, како дишиме нечист и нездрав воздух кој полека но сигурно не убива. Левица ќе стави крај на оваа негрижа, а со тоа ќе стави крај и на овие проблеми.

Преспа има огромен земјоделски потенцијал, но и сериозни проблеми со откупот, субвенциите и пласманот. Како гледате на состојбата на земјоделците и што ќе предложите како советник за да се заштитат нивните интереси?

Митревски: Земјоделството односно јаболкопроизводството како главна економска и културна одлика на Преспанскиот регион мора да се негува. Поточно тоа мора секогаш да биде во фокусот на оние кои што ја држат власта. Но не треба многу да гледаме за да ја согледаме вистината, земјоделство односно јаболкопроизводството се апсолутно уништени. Кривицата за овој злочин можам со сигурност да ја насочам кон властодршците изминативе три децении. Решенија има, само тие решенија подразбираат труд, грижа, жртва. Решенијата се едноставни:

    – Формирање на комисии од стручни лица кои ќе ги консултираат јаболкопроизводителите со цел зголемување на количеството и квалитетот на јаболкото. Секако да потенцирам дека тоа советување нема да биде на грб на производителот.

    – Формирање на програми кои ќе го олеснат патот до добивање субвенции, и ќе го осигураат добивањето на истите.

    – И како најважна мерка, формирање на државен откупен центар кој ќе има главно за цел да ја одржува цената на јаболкото во корист на производителот.

    Ресен е туристичка општина со природно богатство кое малку каде го има. Зошто според вас туризмот е запоставен и кои се конкретните мерки што Левица би ги предложила за да се оживее Преспа како туристичка дестинација?

    Митревски: Туризмот во Преспа е уништен затоа што на власта три децении биле политиканти,а не политичари. Дефиницијата на зборот политикант ги оправдува сите дела на нашите власти а воедно и уништувањето на туризмот во Преспа. Иако развивањето на туризмот претставува сериозен потфат и подразбира капитални проекти за кои неколку месеци или една/две години не се доволни. Меѓутоа Левица и јас како дел од неа гледаме подалеку од нашите конкуренти, и секако дека имаме решенија меѓу кои се:

      – Изградба и разработува на абтобуска станица за меѓуградски и меѓуопштински превоз

      – Поставување на автобуски постојки низ општината

      – Подобрување на инфраструктурата

      – Чистење и модернизирање на плажите и на целиот брег на езерото

      – Креирање соодветни услови за инвестирање во туризмот во Преспа

      – Формирање на стручен тим од земјата и странство со цел решавање на проблемот со повлекувањето на езерото

      Младите во Ресен сѐ почесто заминуваат. Што може да направи општината за
      да им создаде услови за живот, работа и културен развој дома, а не во
      странство?

      Митревски: Општина Ресен како мала општина мора да води грижа за младите, и тоа со цел тие да останат тука и да придонесат за нејзино понатамошно развивање. Меѓутоа можиме да видиме дека таква грижа нема, и младите во се поголем број секојдневно си заминуваат. Нивното заминување е поттикнато од многу проблеми меѓу кои се: нискиот број на работни места, непостоечкиот културно-социјален живот, неповолни услови за развој на микро и мали бизниси, запустеното земјоделство, малку бројните и неквалитетни спортско-рекреативни центри, непостоечката индустрија и ред други. Единствениот начин младите да останат во Општина Ресен е овие проблеми да се пребродат, што значи отварање на фабрики преку креирање соодветни услови за иидни инвеститори, отварање на нови културни центри и разработување на веќе постоечкитешто значи посоодветни услови за одржување манифестации, претстави, концерти ислично. Создавање на програми за поддршка на микро/мали бизниси и земјоделци со што би му се дало на младите и една поинаква димензија за градење на својата кариера. Реновирање на веќе постоечките спортск-рекреативни центри секако надокрај тоа отварање на нови и подобри.

      Како ќе изгледа Општина Ресен доколку советничката листа на Левица добие силна поддршка? Кои се вашите приоритети и пораката до граѓаните што бараат чесност, транспарентност и вистинска промена во локалната политика?

      Митревски: Доколу ја добиеме поддршката од граѓаните на Општина Ресен, Левица ќе го претвори Ресен во град во кој граѓаните ќе сакаат да живеат и да работаат, во град во кој оние кои си заминале ќе сакаат да се вратат, во град во кој има живот, развој и иднина.. Моите приоритети секогаш биле и ќе бидат потребите на мојот народ, на моите сожители, јас доаѓам од него и за него ќе се борам. И за крај на моите сограѓани би сакал да им порачам: Не верувајте на измамите на политичката елита, не наведнувајте глава на заканите и не плашете се од промената затоа што таа мора да дојде, и таа ќе биде промената која ќе не избави сите нас од три-децениското робување под власта на политикантите, биди и ти дел од таа промена.