Пратеникот на Левица, Борислав Крмов, заедно со Ангеле Михајловски, носител на советничката листа во Штип, остварија средба со оштетените работници од приватната конфекција „БЛС Мода Ексклузив“. На состанокот, објавен преку видеоматеријал на социјалните мрежи, работниците го искажаа својот револт и мака поради неисплатените плати за месеците август и септември, како и поради целосниот молк на институциите.
Тие посочија дека управата на компанијата нема никакво разбирање за нивната состојба, а државните органи и градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, не преземаат конкретни мерки за решавање на проблемот.
„За гласови за избори сите одат по врати кај работникот. Најбројни сме, а ништо не добиваме од државата. Сега, во оваа ситуација, ние сме на улица – останати со по четири-пет члена дома, без да имаме што да однесеме една корка леб,“ порачаа работниците.
Од страна на Левица беше укажано дека овластеното лице на фирмата, Добина Дамјаноска, во јавноста се повикувала на поддршка од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, што според партијата отвора сомнеж за политичка заштита на газдите и селективност на институциите.
Партијата ќе ги преземе сите мерки на располагање за да се заштитат 35-те оштетени работници и да се обезбеди исплата на заостанатите плати. Левица истакнува дека третманот кон работниците мора да биде достоинствен и во согласност со основните принципи на социјална правда.
Следи го Антропол преку Google 
