Кандидатката за советник од редовите на Левица во Струмица, Јулија Грчева, која е и долгогодишен физиотерапевт, најави иницијатива за отворање современ Центар за рехабилитација на лица со посебни потреби – проект кој, според неа, ќе претставува значаен чекор кон хумано и инклузивно општество.
„Во современи услови, грижата за лицата со посебни потреби претставува едно од најважните обележја на хумано и развиено општество,“ истакна Грчева, додавајќи дека овој центар ќе биде од суштинско значење за многу семејства во Струмица и регионот.
Планираниот Центар за рехабилитација ќе биде создаден според најновите европски и светски стандарди, со цел да обезбеди квалитетна, професионална и безбедна поддршка за лицата со различни видови инвалидитет и функционални потреби.
„Ќе се залагаме за отворање на нов центар кој ќе обезбеди соодветна грижа и рехабилитација, но и ќе поттикнува интеграција и самостојност. Лицата со посебни потреби заслужуваат еднакви можности за активен и достоинствен живот во заедницата,“ порача Грчева.
Според предложениот концепт, центарот ќе располага со модерно опремени простории, прилагодени за различни форми на инвалидитет, како и со стручен тим од физиотерапевти, психолози и специјални едукатори.
Со оваа иницијатива, Левица – Струмица ја нагласува својата посветеност на социјална правда, достапно здравство и почитување на човечкото достоинство, ставајќи го човекот во центарот на јавните политики.
Следи го Антропол преку Google 
