Трајкова: „Живееме во време на откровение – Радовиш веќе ги гледа вистините кои со години се криеја под тепих“

Во разговор за Антропол, Љупка Трајкова, носителка на советничката листа на Левица во Општина Радовиш, зборува за потребата од нови луѓе во политиката, апатијата на граѓаните и надежта дека искреноста сè уште може да биде политичка сила. Таа вели дека Радовиш живее во „време на откровение“, кога народот конечно почнува да ги согледува вистините што со години се прикривале од старите политички структури. Трајкова зборува и за клиентелизмот, нефункционалниот систем и уништувањето на локалниот потенцијал, но и за личната мотивација, како лекар и политиколог, да се вклучи во борбата за почесна, транспарентна и хумана локална власт.

Општината со години е во рацете на истите политички структури. Што е тоа што Левица може да го понуди поинаку, зошто граѓаните би ѝ дале шанса токму сега и што ве мотивираше да ја прифатите кандидатурата за носителка на советничката листа на Левица во Радовиш?

    Трајкова: Прво ќе одговорам зошто токму сега?! Некаде на ТВ слушнав некоја политичка анализа која саркастично предвидуваше дека народот ќе се соочи во оваа кампања со заплашување со апокалиптични сценарија од наша страна (од страна на кандидатите), иако верувам дека како и повеќето, истиот тој аналитичар етимолошки погрешно го толкува зборот апокалипса (мислејќи дека значи нешто налик на ,,крај на светот” од научно-фантастичните филмови), па затоа и иронијата со која зборуваше му е тотално погрешна…

    Да, токму сега затоа што верувам дека сме моментално во време на апокалипса, или ако правилно толкуваме во време на откровение. Во време на откровение на вистини кои досега умешно се ставаа ,,под тепих”.

    И да, Левица токму тоа може прво да го понуди и да го вети: транспарентност во работењето, во вработувањето… поставување на некои објективни правила кои ќе важат за сите без неосновано фаворизирање на една ,,елита” (читај партиски полтрон). Затоа и народот ќе ги подржи, бидејќи е уморен од лажење, а колку и да е исплашен и скептичен спрема секого, искрата која ја дава искреноста во намерите неможе да се одглуми и народот ја препознава.

    А мене ме мотивираше токму тоа, искреноста во поривот на водачите на левица, па сметам дека ги делиме истите чувства и потреби за правда и тоа е она што не обединува во една сила што ги плаши конкурентите (за разлика од нив кои никогаш нема да ги порамнат равенките кој кого вработил и кој на кого е должен и затоа се распаѓаат како кула од карти).

    Кои се, според Вас, најгорливите проблеми со кои се соочуваат граѓаните на Радовиш? Дали тоа е невработеноста, иселувањето на младите, лошата инфраструктура, или нешто друго што систематски се игнорира од досегашните локални власти?

      Трајкова: Апсолутно се. Таксативно онака како што е наброено во прашањето! А во вториот дел дали систематски се игнорира, незнам, бидејќи и сама сум во дилема дали воопшто постои некаков организиран систем кој систематски игнорира (гледајќи ги многу од нив немаат математички капацитет да размислуваат за односите во систем) па затоа најверојатно тоа е само стихијно организирање во себичните и нечесни намери на клиентелистите кое резултира во веќе неподносливото статус кво.

      Радовиш е општина со огромен природен и аграрeн потенцијал, но тој останува недоволно искористен. Како Левица гледа на локалниот економски развој и дали имате конкретни идеи за поттикнување на малите производители, земјоделците и локалното претприемништво?

        Трајкова: Да, Радовиш има потенцијал кој или не е искористен или се уништува ,,за туѓи бели дворови” ако го цитираме Рацин. Инаку конкретни идеи има и се наведени во програмата на левица која е јавна и секој може да ја прочита (да не набројуваме ветувања, бидејќи народот е хиперсинзибилизиран на претставката ,,Ќе” направиме…), а и не значи дека истата таа програма нема да претрпи измени, бидејќи не ја знаеме состојбата на општината од внатре. Народот прво треба да ни даде шанса да влеземе во советите, па ако не друго она што можеме од старт да го ветиме е дека ќе ги соочиме со реалноста која се плашам нема да биде ,,розева”, но ќе дадеме се од себе да ,,спасиме” она што може да се спаси.

        Во повеќе наврати граѓаните укажуваат на нетранспарентност и партизација на институциите. Како Левица ќе се спротивстави на клиентелизмот, како ќе ја врати довербата на граѓаните во Советот и во локалната власт и дали ќе инсистирате на јавни седници, отчетност и директна комуникација со жителите?

          Трајкова: Предноста на малите градови како Радовиш е што сите се знаеме и ,,заедно” се соочуваме со проблемите. Така да јас лично неодамна бев ,,жртва” на т.н. клиентелизам при вработувања во Здравниот Дом во Радовиш, што беше јавно објавено и кое прашање сеуште не е решено и е заглавено во второстепена комисија… А за иронијата да е поголема ако со оваа власт мене ми се случи тоа, со претходната се случи на член на моето најтесно семејство. Така да како велат: – најлошо е кога си премногу црн за белите, а и премногу бел за црните и не припаѓаш никаде.

          Но од нас ,,ОТПИШАНИТЕ” тек допрва ќе расте левица и тек допрва ќе научат удобно сместените во фотелји што значи отчетност, борба, работа, неподмитливост, зошто јас верувам во тоа ,,Не прави го она што не сакаш да ти го прават тебе…” и да дојдам на функција нема да се спуштам на тоа ниво не затоа што верувам дека ќе ги менувам нив, туку затоа што нема да дозволам тие со нивните нечесни постапки да ме променат мене.

          Која е вашата лична порака до радовишани пред изборите, дали е време за нови луѓе во локалната политика и по што би сакале граѓаните да Ве запомнат?

            Трајкова: Дали е време веќе утврдивме во првото прашање. А зошто нови луѓе тука ќе цитирам една мисла: ,,Верувај ми, не можат да те спасат истите оние раце кои те пуштиле да потонеш”. – Милица Оливер. Потврда за тоа дека е крајно време е статистиката за процентот на искористени седативи во Македонија (еве како лекар да се обратам од искуство).  Значи веќе не станува збор само за сиромаштија, веќе станува збор за општествено индуциран стрес кој има последици по здравјето и животот на граѓаните. Време е да се запрашаме кој и што е агресорот што народот е во таков дистрес… Па мојот повик да се вклучам во креирањето на политиките и не е само од интелетуален аспект и како ,,дипломиран политиколог”, туку и како ,,Доктор на медицина” која од прва рака се соочува со страдањата и психосоматските последици врз народот.

            По што би сакала да ме запамтат!?

            По тоа дека и покрај убедувањата дека ,,една ластовица пролет не носи” кои често ги слушам откако се вклучив во политиката и искрено верувам дека се добронамерни, сакам да влеам барем надеж во таквата апатија кај луѓето… И дури да не успеам во стремежот за правда и подобро утре, сакам да знаат дека барем сум се обидела. И во иднина не секогаш ќе ги разберат моите ставови по одредени прашања и тоа е во ред и легитимно, можат да се сомневаат и во моите одлуки, но се надевам и не сакам да се сомневаат во моите намери.

            Може да ве интересира