ССМ: Време е економијата да се базира на луѓето, а не само на профитот – Истражување во четири земји потврди, платата ја движи мотивацијата и лојалноста на работниците

Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ) ја претстави новата студија за состојбата на работната сила и социјалниот дијалог во секторот за водоснабдување, која открива дека висината на платата е најважниот мотиватор за вработените.

Истражувањето, спроведено во рамките на проектот „Промовирање и зајакнување на социјалниот дијалог во секторот за води преку иновативни пристапи“ (ProSDinWater), финансиран од Европската унија, опфати четири земји, Македонија, Бугарија, Италија и Малта.

Резултатите се јасни: 100% од анкетираните работодавачи и работници ја издвоиле висината на платата како главен фактор за избор и задржување на работно место. Како што истакнуваат и самите работодавачи, без повисоки плати нема ниту мотивирани, ниту лојални работници.

Дополнително, 69,3% од испитаниците сметаат дека социјалниот дијалог на секторско ниво придонесува за подобри услови за работа, додека 83,3% од работниците позитивно ја оценуваат неговата ефективност во рамките на компаниите.

Меѓу другите значајни фактори за мотивацијата на работниците се издвојуваат:

здравствената заштита и превенцијата (97%),

безбедноста и техничката опременост на работното место (99%),

како и континуираната обука, дигитализацијата и фер организацијата на работното време (96%).

ОРМ во своите заклучоци потенцира дека социјалниот дијалог и колективното преговарање во Македонија сè уште не се доволно искористени, иако се покажале како клучни механизми за спречување на социјални конфликти и создавање стабилна и мотивирана работна сила.

Во реакција на наодите од истражувањето, претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Трендафилов, порача дека резултатите само ја потврдуваат долгогодишната борба на синдикатите за достоинствени плати и услови за работа:

„Ова истражување само го потврдува она што ние, како синдикат, со години го говорим, работниците не бараат ништо повеќе од она што го заслужуваат: достоинствена плата за својот труд. Дури и самите работодавачи признаваат дека без повисоки плати нема ниту мотивирани, ниту лојални работници. Време е економијата да се базира на луѓето кои ја движат, работниците, а не само на профитот.“

Трендафилов најави дека ССМ ќе продолжи да инсистира на зголемување на платите и почитување на колективните договори, како единствен пат кон стабилен пазар на труд и достоинствен живот за сите работници во земјата.