„Многу ми е мило што на овие избори во Гостивар, и покрај системската цензура којашто ја трпиме како политичка партија, Левица очигледно се шири. Имаме кандидат за градоначалник – Дарко Грујоски, и листа со носителот Никола Исакоски. Се надевам дека граѓаните на Гостивар ќе ја препознаат нашата опција која е различна од сè што досега го виделе. Нашата платформа не е етничка, туку национално обединувачка – конечно ќе направиме нешто што ќе го запре процесот на дезинтеграција на градот на кој сме сведоци последните 30 години. Гостивар повторно ќе светне како град на братството и единството,“ изјави Реџеп Исмаил Хактан, член на Президиумот на Левица и пратеник, за време на денешната посета на локалниот огранок на партијата во Гостивар.
Во однос на очекувањата од претстојните локални избори, Хактан истакна дека Левица очекува да освои најмалку две, а можеби и три советнички места, како и дека кандидатот за градоначалник Дарко Грујоски има реални шанси да влезе во вториот изборен круг.
Кампањата во Гостивар, како што велат од партијата, се спроведува преку директни средби со граѓаните.
„Досегашниот тек на нашата кампања го оценуваме одлично. Благодарност до ВМРО-ДПМНЕ што на вчерашниот митинг во Гостивар ја прекршија цензурата и ни направија реклама,“ рече кандидатот за градоначалник, Дарко Грујоски. Тој додаде дека реакциите на граѓаните се позитивни и дека постои јасна желба за промени:
„Граѓаните гледаат што се случува, ни ги кажуваат своите проблеми – најчесто инфраструктурни: канализации, патишта, депонии… Една порака што ни ја испраќаат сите е: ‘Доста е овие 30 години, преку глава ни е!’“
Носителот на листата за советници, Никола Исакоски, најави дека негов приоритет ќе биде транспарентноста во работењето на Советот:
„Ќе се заложам за поставување камера за снимање и пренос во живо на седниците, со цел граѓаните да можат да ги видат сите одлуки и како гласаат советниците. Сакаме отчетност и јавност во секој чекор. Ќе се обидеме и сите основни проблеми кои ги гледаме на терен – канализации, патишта, кучиња скитници, депонии, недостиг на детски зони и игралишта – да ги решаваме систематски и со учество на граѓаните.“
На средбите со граѓаните во Гостивар присуствуваше и координаторот на Изборната единица 6 од Левица, Игор Димески, кој даде поддршка на локалниот тим и на кандидатите во нивната борба за, како што рече, „пристоен, хуман и функционален град во кој сите ќе бидат еднакво слушнати и почитувани“.
Информавциите се превземени од Гостивар Прес.

