Отворена е истрага против две лица, сопственички и овластени управителки на приватни установи за сместување стари лица, поради основано сомнение за незаконски постапки и нехумано однесување кон корисниците.
Според обвинението, двете установи од 2022 година до денес:
Работеле над дозволениот капацитет (во домот во Бутел, 27 корисници иако дозволата е за 21; во домот во Центар, 33 корисници, иако дозволата е за 17).
Не ја воделе евиденцијата според законските правила и немале досиеја со стручна документација за сите корисници .
Немале доволен број стручни кадри, а имале вработени лица без потребна документација.
Не биле обезбедени четири дневни оброци со специфична спецификација, како што налагаат правилата.
Дел од корисниците спиеле на троседи или двојно во кревети, бидејќи немало доволно кревети.
Оброците што им биле служени биле од производи со истечен рок, за што се земени мостри за анализа.
Корисниците биле изложени на физичко и психичко насилство, заклучување во простории и третман што се смета за деградирачки и нечовечки.
На некои лица им била давана терапија со лекови кои не биле предвидени или препишани од лекар.
Во записници од воведен вонреден инспекциски надзор се наведени сите овие неправилности, за кои, истовремено, установите наплатувале значителен паричен износ од корисниците и нивните блиски.
Според обвинителството, месечно, двата објекти остварувале имотна корист од вкупно 2.232.000 денари.
При претресите што биле спроведени, една локација на улица „Рудо“ во Бутел и друга на улица „Козара“ во Центар, биле пронајдени докази за нехумано однесување и сериозни повреди на правата на згрижените лица.
По наредба на јавен обвинител, сите корисници биле подложени на лекарски преглед и анализи од стручни лица од Институтот за судска медицина.
Јавниот обвинител поднел предлог до Основниот кривичен суд Скопје за притвор за двете осомничени лица поради причинет нехуман, суров, деградирачки, нечовечки и понижувачки третман на стари лица, и тој предлог е прифатен.
Министерството за внатрешни работи исто така поднесе кривична пријава против Н.Ј. (47) и Т.И. (58) поради основано сомнение за продолжена злоупотреба на службена положба и овластување и малтретирање при вршење на службата.
Анализата покажува дека постои системски ризик и недостаток на контрола и надзор во приватните установи за згрижување на стари лица.

