Горан Велевски до Поповски: „Избери медиум и време – јас ќе бидам таму!“

Носителот на советничката листа на Левица во Битола, Горан Велевски, упати јавно обраќање до својот политички противник, Филип Поповски, носител на советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ, со повик за јавна дебата лице в лице пред битолчани.

„Господине Поповски, Вие, како говорник во име на советничката листа на ДПМНЕ, Ве повикувам на јавна дебата – лице в лице, пред битолчани. Јас, Горан Велевски од Левица, стојам подготвен да дебатирам во било кој медиум по ваш избор, бидејќи Вие имате пристап до нив – ние сме цензурирани,“ порача Велевски.

Тој нагласи дека граѓаните на Битола заслужуваат вистинско соочување на идеи и програми, а не однапред подготвени говори и медиумски настапи без можност за прашања.

„Време е да се соочите со граѓаните без сценарио, без парче хартија, без избегнување на дебати како што го направивте тоа претходно! По четири години неуспеси, Битола бара одговори, визија и одговорност,“ порача носителот на листата на Левица.

Велевски порача дека е подготвен да учествува во било кој медиум, во било кое време, доколку Поповски ја прифати поканата:
„Изберете медиум, одредете време – јас ќе бидам таму. Покажете храброст, став и почит кон народот кој заслужува вистинска дебата, а не монолог.“

Со оваков став Левица ја потенцира својата заложба за транспарентност, демократска култура и директен дијалог со граѓаните, наспроти, како што велат, затворените и контролирани настапи на владејачките партии.