Во рамки на предизборните активности на Левица, во Гевгелија се одржа средба со граѓаните на која присуствуваа претседателот на партијата, Димитар Апасиев, и пратеникот Сашко Јанчев, а се обратија кандидатот за градоначалник, Тони Аврамов, и носителот на советничката листа, Никола Петров.
Аврамов ја претстави својата визија за развој на општината, потенцирајќи дека Гевгелија заслужува чесно, транспарентно и одговорно локално управување, во кое секој граѓанин ќе знае како се трошат јавните пари.
„Сакам да ја видам Гевгелија таква каква што ја сакаат гевгеличани! Секоја инвестиција ќе биде јавно достапна и секој граѓанин ќе може да види каде оди неговиот данок. Да ѝ кажеме стоп на урбаната мафија и да се фокусираме на реално остварливи проекти“, истакна Аврамов.
Тој најави реставрација на старите градби и културни споменици, озеленување на централното градско подрачје, изградба на Јужен булевар со паркови и зелени зони, уредување на просторот кај Сува Река, како и решавање на проблемите со загадувањето и непријатните миризби. Аврамов најави и воспоставување на нови автобуски линии до населените места и заживување на месните заедници.
„Гевгелија има луѓе со душа, со знаење и со идеи. Само треба да им се даде простор, а не да им се одземе. Треба да им се слушне гласот, а не да им се купува тишината,“ порача кандидатот за градоначалник на Левица.
Носителот на советничката листа на Левица, Никола Петров, истакна дека ова е трето учество на партијата на локалните избори во Гевгелија и прво со сопствен кандидат за градоначалник.
„На минатите избори за прв пат имавме советник, а сега очекуваме советничка група. Нема да бидам скромен ако кажам дека ќе влеземе во вториот круг, па и дека имаме реални шанси за победа,“ изјави Петров.
Тој додаде дека поддршката за Левица постојано расте, бидејќи, како што рече, народот е веќе уморен од 34-годишното владеење на буржоаската класа и нивните политички претставници, ДПМНЕ и СДСМ.
„Доста му е на народот од тендер партии, корупција, криминал и непотизам. Дојдено е времето за политичка власт на работничката класа – време е за владеење на народот“, порача Петров.

