- Став на Андреа Јанков
Триесет и пет години по ред, оваа земја ја водат истите луѓе, истите партии и истите фамилии.
Власта и опозицијата се менуваат, но олигархијата останува. Градовите се гушат во смог, ѓубре и дивоградби, младите се иселуваат, а народот научи дека политиката не е алатка за промена, туку за преживување. Во таков мрак, кога конечно се појави партија која зборува поинаку, без диктат од странство и без газди од дома, системот реагира како што секој паразит реагира кога ќе му го одземеш домаќинот.
Се мобилизираа сите, медиумите, старите партии, “аналитичарите”, дури и некои амбасади. Сите одеднаш ја открија својата “грижа” за демократијата, но само кога таа демократија почна да мириса на вистинска промена.
И почнаа со познатата песна, “Левица е опасна”, “ќе не изолираат”, “ќе има хаос”, “ќе се распадне државата”, “работат за ДУИ, СДС, ДПМНЕ, Марсовци…”
А вистината е многу едноставна, Левица никогаш не владеела, но веќе ја чувствуваат како закана, не затоа што има власт и моќ, туку затоа што има карактер.
По три децении разочарувања, народот се навикна на психолошка инерција и разви научена беспомошност. Луѓето се научени да не веруваат никому, да не се надеваат и да не делуваат. Кога толку долго си бил изневеруван, секоја нова идеја ја доживуваш како потенцијална измама.
Па затоа многумина велат: “Сите се исти.”
Но, не се сите исти. Само на оние што навистина се исти, им одговара да мислите така.
90% од медиумите (кои се веќе на залез) во Македонија се под директна или индиректна контрола на старите политички и бизнис кругови, односно на медиумскиот монопол против кој Левица прилично гласно зборува, што се отсликува и во сегашната медиумска блокада од страна на класичните медиуми и одлуката на АВМУ. Секој ден, веќе со години, градат слика дека Левица е екстремна, хаотична, непредвидлива. Тоа е класична стратегија за предвремена дискредитација. Кога не можеш да купиш некого, мораш да го уништиш преку страв. Психолошки, човек реагира со одбивност кон нешто што постојано му се прикажува како опасност, дури и ако никогаш не го проверил лично.
За првпат после распадот на СФРЈ се зборува за класна правда, за работникот, за станарот, за младите, за пензионерот што брои денови до следната сметка, за загадувањето, за подобар јавен транспорт, за градови по мерка на човекот. И токму затоа “старата гарда” се плаши, Левица всушност не го допира нивниот национализам, туку нивниот џеб. А токму таму е болката.
Триесет години живееме во држава која секогаш “мора да праша” за се, од енергетика, до судство. Левица првпат кажа дека Македонија може да има сопствен интерес, без да мора да клечи пред никого. И тогаш се јавија истите тие што вчера ни ја крадеа иднината во име на „европски вредности“. Но суверенитетот не значи изолација.
Тоа значи достоинство, доказ дека не си колонија, туку држава.
Вистинската промена не настанува само со промена на власта, промената настанува кога граѓанинот престанува да биде жртва.
Левица е таа што константно ги повикува луѓето не да чекаат спасител и месија, туку самите да станат субјект на историјата, а тоа плаши многумина, особено оние кои не сакаат да излезат од комфор зоната. Полесно е да живееш во апатија и цинизам, отколку да ја преземеш одговорноста за иднината во свои раце.
СДС и ДПМНЕ три децении ја држат земјата во заложништво преку поделби, леви и десни, а всушност центар, патриоти и предавници, а всушност претприемачи, ЕУ и Русија, а всушност е кој ќе ги украде парите од фондовте, Македонци и Албанци… Левица е првиот политички субјект што излегува надвор од таа поделба и затоа ја напаѓаат од двете страни. Таа ја руши нивната симбиоза, двоглавата ламја кој ја изеде државата одвнатре.
И на крајот се сведува на едно, не можат да ја купат. Не со функции, не со тендери, не со лицемерни европски насмевки и тапкање по рамо.
Токму затоа е закана за сите што живеат од корупција, оние што не се плашат од Левица, се оние што немаат што да кријат.
Луѓето понекогаш гледаат со недоверба на Левица и не затоа што имаат аргументи, туку затоа што живеат во култура на предвремено разочарување.
Но токму во тоа такво општество, расте нова свест, дека најлошото веќе го живееме, и дека промената не е ризик, туку последна шанса.
Да резимирам, Левица не е опасност за Македонија. Опасноста се оние што и ја украдоа иднината и сега се преправаат дека се загрижени за неа. Системот ќе се бори со сите сили за да ја задуши надежта, но има еден проблем, надежта не се убива, кога еднаш ќе се роди во свеста на народот. И затоа на крај, сепак, ние ќе победиме!

