Хајрединовиќ: Време е Чаир да им служи на жителите, а не на партиските и бизнис интереси

Во интервју за Антропол, Дамир Хајрединовиќ, носител на советничката листа на Левица за Општина Чаир, зборува за мотивите што го поттикнале да се вклучи во политиката, за најгорливите проблеми во општината и за визијата на Левица – Чаир да стане уредна, функционална и праведна општина. Хајрединовиќ истакнува дека вистинската промена може да дојде само преку чесност, транспарентност и активна вклученост на граѓаните, а не преку истите политички структури кои, како што вели, со години го држат Чаир во урбан хаос и негрижа.

Што Ве мотивираше лично да се вклучите во политиката, бидејќи многу млади луѓе се разочарани од политиката и се откажале од активизам, што беше пресудно за вас да направите спротивен чекор и да застанете на листата на Левица за советник во Општина Чаир?

Хајрединовиќ:  Искрено, токму она разочарување кај младите и апатијата што ја гледам околу нас. Сметам дека доколку сите се повлечеме и ја оставиме политиката во рацете на истите луѓе, ништо нема да се промени. Сакам да покажам дека еден млад човек може да биде активен, чесен и посветен на јавниот интерес. За мене, исто така, пресудно беше чувството на одговорност, оти ако имаме идеи, енергија и желба за промени, тогаш мораме и да преземеме чекор. Левица ја гледам како платформа каде тоа може да се направи искрено и без компромиси.

Од урбан хаос, дивоградби и недостаток на паркинг, до чистотата и јавниот ред, каде најмногу ја гледате одговорноста на општинската администрација и што прво би требало да се промени и кои се, според вас, најгорливите проблеми на Општина Чаир кои локалната власт со години не успева да ги реши?

Хајрединовиќ: Одговорноста пред сè е кај општинската администрација која со години дозволува урбанистички хаос и селективна примена на законот. Во Чаир имаме премногу дивоградби, а урбанистичкиот план се нарушува секојдневно. Недостигот на паркинг и нефункционалната сообраќајна мрежа создаваат секојдневен хаос, а на сето тоа се додава и лошото одржување на јавната чистота и јавниот ред.

Прво што треба да се промени е начинот на кој администрацијата работи, таа мора да биде во служба на граѓаните, а не на одредени групи или интереси. Потребно е јасно урбанистичко планирање со вистинска контрола, организирање јавни паркинг-простори, инвестиции во чистење и одржување на улиците, како и воспоставување ред и дисциплина во јавниот простор.

Најгорливите проблеми во Чаир остануваат: хаотичниот сообраќај, недостигот на паркинг-простор, дивоградбите кои го нарушуваат животниот простор, недостигот на паркови и зелени површини, како и недоволната грижа за чистотата. Тоа се проблеми што локалната власт свесно ги игнорира со години, а граѓаните секојдневно ја плаќаат цената на таа негрижа.

Дали планирате конкретни иницијативи во Советот на општината, како реорганизација на јавните служби, ново комунално претпријатија, или нови урбани проекти за јавниот простор и какви конкретни решенија предлага Левица за подобрување на секојдневието на граѓаните на Чаир?

Хајрединовиќ: Да, Левица планира многу конкретни иницијативи во Советот на Општина Чаир. Прво, сакаме да ја реорганизираме општинската администрација и јавните служби, тие мора да функционираат транспарентно и ефикасно, со јасни одговорности кон граѓаните. Ќе предложиме формирање ново, современо комунално претпријатие или целосна реформа на постојното, кое навистина ќе се грижи за чистотата, јавната хигиена и редовно собирање на отпадот.

Второ, ќе иницираме урбани проекти за ослободување на јавниот простор: повеќе паркинг-зони, воведување современи решенија како електронски столбови и пешачки зони во најзагадените и најзагушените улици, и засилено уредување на паркови и зелени површини, кои недостигаат во Чаир.

Нашите решенија се едноставни: јасни урбанистички правила кои важат за сите, уреден јавен простор без дивоградби, редовна чистота, и создавање на повеќе места за семејства, деца и возрасни граѓани. Со овие чекори, секојдневието на жителите на Чаир може значително да се подобри.

Чаир е општина со различни етнички заедници кои живеат заедно. Како гледате на меѓуетничките односи и на улогата што треба да ја одигра локалната власт во градењето доверба меѓу граѓаните, дали може општината преку културни, образовни или заеднички урбани иницијативи да придонесе за подобра интеграција и солидарност помеѓу различните заедници?

Хајрединовиќ: Чаир е вистинска слика на различностите во Македонија, Албанци, Македонци, Турци, Бошњаци и други заедници живеат заедно со децении. Јас гледам на тоа како на големо богатство, а не како на проблем. Меѓуетничките односи се темел за стабилност и развој, но локалната власт има обврска активно да ја гради довербата меѓу граѓаните.

Општината може и мора да придонесе преку конкретни иницијативи, културни настани кои ќе ги спојуваат различните заедници, образовни програми во училиштата каде младите ќе учат за почитување на различностите, заеднички урбани проекти како паркови, спортски терени и пешачки зони кои ќе ги користат сите граѓани заедно.

Само преку заедничко учество и создавање простори каде различните заедници ќе се среќаваат и ќе соработуваат можеме да изградиме вистинска солидарност. Јас сум убеден дека Чаир може да биде пример за тоа како се гради заедништво, а не поделби.

Зошто сметате дека токму Левица и вашата советничка листа можат да донесат реална промена во општината и да ја вратат довербата на граѓаните во локалната политика и каква порака им упатувате на жителите на Чаир пред овие локални избори?

Хајрединовиќ: Левица и нашата советничка листа можат да донесат реална промена во Чаир затоа што ние не сме дел од старите политички елити кои со години ја водат општината во ист ќорсокак. Ние не сме вмрежени во клиентелизам, ниту во бизнис-договори зад грб на граѓаните. Нашата сила е во тоа што сме млади луѓе со интегритет, кои влегуваат во политиката за да работат чесно и транспарентно за јавниот интерес, а не за лична корист.

Довербата на граѓаните може да се врати само ако се покаже дека политиката може да биде поинаква, одговорна, праведна и блиска до секој човек. Ние сме подготвени да ја отвориме општината кон граѓаните, да ги вклучиме во одлуките и да покажеме дека гласот на жителите на Чаир е важен.

Мојата порака до сите жители е: не се откажувајте од надежта дека Чаир може да биде подобро место за живеење. Ако сакате вистинска промена, излезете и поддржете ја Левица. Заедно можеме да го прекинеме статус-кво-то и да изградиме Чаир каков што сите заслужуваме, чист, уреден и праведен.

Може да ве интересира