Сековска: Левица – ахиловата пета на Мицковизмот

  • Колумна на проф. д-р Благица Сековска

Од ден во ден го слушаме лидерот на ДПНЕ и актуелен премиер како митинзите ги почнува и завршува со плукање на Левица. Зошто толку страв? Јасно е од каде доаѓа стравот. Имате пред себе партија на млади, неизвалкани, некорумпирани, храбри и бескомпромисни луѓе, а пред сè чесни. Па како да не се плашите од партија и личности на кои нема што да им замерите, кои немаат црни петна?

Се разбира дека вашата ПР машинерија со голем напор успеа да конструира лага, која по принципот на Гебелс, ако ја повторите доволен број пати се надевате дека ќе ви поверуваат. Се лажете. Колку и да ја повторувате, освен вашите војничиња никој нема да ви поверува. Колку е голем вашиот страв од Левица зборува фактот што иако на секој митинг почнувате и завршувате со плукање на Левица и со блуење на одвратни лаги и невистини тоа не ви е доволно, ами на Левица и го одзедовте правото да ѝ се чуе гласот. Наспроти сите демократски принципи, за кои лажете дека се залагате, Левица ја ставивте под медиумско ембарго и цензура.

Стравот лозје чува рекол нашиот народ…ќе видиме дали ќе ги дочува и вашите фотељи. Од ботовски страни ги убедувате граѓаните да не излегуваат на избори, дека и онака ништо не можат да сменат. Колку помалку неопределини граѓани ќе излезат и ќе гласаат, толку поголем број на советници ќе ви донесат вашите верни војничиња. Бидејќи јасно ви е како ден, дека освен најверните „ВМРО до гроП“ војничиња никој не верува на вашите лаги. Иако веќе подолго од година сте на власт, не само што не реализиравте ништо од предизборните ветувања, особено не од оние патриотските, ами пепел ја направивте државава и буквално и фигуративно.

Единствено нешто за што сте искрени е вашиот слоган, искрен до болка. Убаво си кажувате, ако си го изберете својот човек, ќе си го најдете своето место, и во комисиички и во тендерчиња и во директориски местенца, и ќе си ја решите иднината. Оние што немаат свој човек од ваште редови, ниту свое место ќе имаат, ниту можат иднина да планираат во државава. Затоа за сите нас, што не сме дпмнеовски војничиња, ниту сте нашиот вистинскиот избор, ниту ни се допаѓа твојот човек кој мириса на корупција, ниту го гледаме своето место крај вас, а уште помалку надежно ни изгледа нашата иднина во вашата сенка.

Затоа мислечките луѓе, луѓето на кои им е преку глава од лаги и манипулации, луѓето на кои им е преку глава од корупција и од барање „свој човек“ за секоја и најмала работа која треба да се заврши, луѓето кои гледаат како стравот од Левица го маскирате со говори за некаква илузорна закана од истата НЕ ВИ ВЕРУВААТ, а верувам на крај памет не им паѓа ниту да ве гласаат.

Ахил бил неранлив, освен во неговата пета. Левица е ахиловата пета на Мицковизмот, Ако сакаш да го убиеш, гласај за Левица.