Во време кога политичките калкулации и коалициските интереси ја гушат вистинската демократија, Левица останува доследна на својот принцип, а тоа е самостоен настап и чесна борба за секој глас. Пратеничката и кандидат за градоначалник на Струга, Јована Мојсоска, во интервју за весникот „Црвена (Р)еволуција“ зборува за храброста на Левица да се спротивстави на статус-квото во западните општини, за урбанистичкиот хаос и дивоградбите кои го уништуваат ликот на Струга, за криминалот и неказнивоста што се вкоренети од локалните моќници, но и за нејзината визија како градот повторно да стане симбол на култура, поезија и одржлив развој.
Левица најави дека е единствената парламентарна партија од „македонскиот политички блок“ која ќе настапи со своите кандидати во Струга, Тетово и Гостивар. Каква порака праќаш со оваа независност, дали е ризик или сила?
Мојсоска: Кандидатурата за градоначалници на Левица во овие општини има цел да упати една порака: дека борбата не може однапред да биде прогласена за изгубена поради некакви „предизборни математики” и коалициони интереси. Да се прокламираш себеси како најголема партија (како што тоа често го прави ВМРО-ДПМНЕ), а притоа само потврдува дека за ВМРО-ДПМНЕ највисок приоритет се нивните теснопартиски да оставиш речиси 190.000 жители во овие општини без кандидат од своите редови, интереси во коалицијата, наместо жителите во овие општини да добијат квалитетна понуда и стратегија за развој на своето место на живеење.
Дополнително, морам да укажам на една небулоза на владејачката партија, која како изговор да не вади кандидати во овие општини, вели дека таму каде што коалициониот партнер ВРЕДИ има кандидат, не би било „колегијално” ВМРО-ДПМНЕ да има кандидати. И тука лежи клучната манипулација која ВМРО-ДПМНЕ се обидува да ја изгради како наратив во јавноста: факт е дека нивниот коалиционен партнер Вреди нема кандидат за градоначалник во Струга, туку тие поддржаа независен кандидат. Дополнително, за каква „колегијалност” меѓу коалицијата говориме, кога иако ВМРО-ДПМНЕ има кандидат за градоначалник во Кичево, министерот Лимани од нивната коалиција сепак се кандидира како противкандидат во оваа општина?!
Во еден настап рече „Струга – од град на поезијата до град на дивоградби“. Јована, кога си на улица во Струга, што прво помислуваш кога ќе ги видиш дивоградбите?
Мојсоска: После катастрофалната трагедија која се случи во дивоградбата-дискотека во Кочани, ние како општество едноставно мора да се пробудиме од опасната релативизација на секој криминал и конечно да сфатиме дека дивоградбите се опасни по самата безбедност на граѓаните. Дивоградбите се сериозен проблем од многу аспекти – дискриминирани се жителите кои уредно плаќаат давачки; дивоградбите отстапуваат од урбанистичкиот план и го сквернават лицето на градот; општината не може плански да се развива со јасна предвидливост за потребите од инфраструктура, водовод, канализација; за легализација на дивоградби не се потребни елаборати кои важат за регуларна постапка и кои ја гарантираат безбедноста на објектот.
Централното јадро на Струга, кое во минатото изобилуваше со автентична архитектура и по која Струга беше препознатлива, сега е огрдена пред наездата на дивоградби кои никнуваат на секој чекор. И за жал, мојот град ќе продолжи да го губи својот сјај сѐ додека на партиите на естаблишментот приоритет им е да добијат глас повеќе преку легализација на бесправни објекти или приоритет им е да ги легализираат хациендите и хотелите на некои моќници – наместо да нудат визија и стратегија за развивање на туристичкиот и културниот потенцијал на Струга.
За дивоградбата во чаршијата имаше и инспекциски надзор по барање на Левица, но градбата продолжи. Што мислиш, зошто институциите не реагираат како што треба и како би избегнала слично нешто како градоначалник?
Мојсоска: Оваа дивоградба претставува олицетворение на комплетниот колапс и коруптивност на системот. Лоцирана во самото градско јадро, во заштитена зона на Охридското езеро, дивоградба која узурпира државно земјиште. И не е прашање на една изолирана инситуција која не постапува, туку се работи за комплетна спрега на непостапување на низа институции: јавното обвинителство во Струга, државните правобранители, општината, вишото јавно обвинителство, МВР итн. Ова само ја потврдува тезата дека во Македонија во секоја сфера е метастазирана корупцијата и безаконието – а за тоа се виновни сите партии кои биле дел од власта досега. Дополнително, со секоја промена на власта, народот гледа како се амнестираат криминалите на претходната владејачка гарнитура, што гради еден синџир на неказнивост поради кој македонското општество е руинирано. За проблемот со бројните дивоградби не може да се амнестира ниту централната власт, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, затоа што законот дава можност да се одземат од општината надлежностите за уривање на дивоградбите.
Дел од мерките за кои се залагам како градоначалник се следниве: носење урбанистички планови и за вонградското подрачје преку активно вклучување на месните заедници; воведување на катастар на дивоградби и попис на сите бесправни објекти; итно лоцирање и неселективно отстранување на дивоградбите кои ја загрозуваат безбедноста; зајакнување на капацитетите на општинските инспекциски служби; програма за социјални станови за ранливи семејства.
Многумина велат дека владеењето на Мерко е симбол за корупција и непотизам. Која е најголемата штета што Мерко ѝ ја направи на Струга, а која најголема пропуштена шанса?
Мојсоска: Рамиз Мерко, освен што е рекордер во кривични пријави, тој може да се прогласи за џелатот на Струга, кој од град кој е туристички и културен центар на светската поезија, град кој лежи на скапоцени природни богатства и на две води – го трансформира во град на безаконие, безредие, град на безперспективност кој во последните 20 години изгубил дури 12.000 жители (или 20% од својата популација). Рамиз Мерко е олицетворение на неказнивоста на системот, кој од 2005 година врши јавна функција, успеа да ги преживеа сите партии, односно бил дел и од власта на ВМРО-ДПМНЕ и од власта на СДСМ и сега го финализира својот четврт мандат од катастрофалното владеење со Струга.
Најголемата пропуштена шанса на Мерко е што наместо Струга да ја промовира и истакне како туристички центар на мапата на УНЕСКО со своите бројни природни и културни знаменитости, град кој е центар на спортскиот дух и спортските манифестации, град кој живее од рурален и етно туризам – тој ја претвори Струга во град на духови каде жителите (особено младите) не ја гледаат својата иднина.
Струга е дел од светското природно и културно наследство на УНЕСКО. Доколку станеш градоначалничка, кои конкретни мерки ќе преземеш за да се спречи ризикот Охридскиот регион да биде ставен на „листа на загрозено наследство“?
Мојсоска: Препораките на УНЕСКО се јасни и децидни: претераната урбанизација мора да запре. Струга мора да изнајде начин за развој на одржлив туризам, туризам кој не зависи само од масовна градежна експанзија – која ги загрозува природните и културните реткости – туку да се изнајде компромис подрачјето да опстане како исклучително природно и културно наследство. Една од клучните мерки кои би ги имплементирала како градоначалник во оваа насока, а кое е барање на УНЕСКО, е формирање регионално тело на експерти, кое на терен ќе управува со светското наследство во регионот и ќе ги спроведува сите препораки од еминентните конвенции и УНЕСКО. Затоа што тоа е пораката на УНЕСКО: не ни требаат нови планови, нови комисии кои ќе седат во канцеларии. Не! Потребно е едно тело за имплементација, затоа што плановите и насоките веќе постојат, но сѐ е на хартија и тоа мора да се имплементира.
Ако ја добиеш функцијата – што ќе направиш првиот месец за да покажеш дека работиш, а не само зборуваш? Можеш ли да дадеш еден конкретен потег?
Мојсоска: Ќе издвојам четири конкретни активности.
Прво, увид и ревизија во целосната документација поврзана со дивата депонија, јавно објавување и иницирање одговорност за констатираните неправилности, криминал и здравствени последици поврзани со оваа црна точка на Струга.
Второ, бидејќи општина Струга го носи приматот во најскапа набавка на службено возило, уште во првиот месец на мојот мандат ова возило ќе биде ставено на аукција, а собраните средства ќе бидат реинвестирани во изградба на центар за лица и деца со попреченост, која е реална потреба за оваа ранлива категорија.
Трето, со цел Струга да биде град кој е пример за транспаретност во своето работење, официјалниот веб сајт на општината веднаш ќе биде модернизиран со воведување алатка за брзо и прегледно следење на јавните набавки на општината, за граѓаните да имаат увид во секој потрошен денар.
И четврто, конечно воведување на онлајн пренос на седниците.
За крај, кои вредности и принципи треба да ги има еден градоначалник?
Мојсоска: Мојата животна филозофија е дека секој еден од нас треба да засади дрво под чија сенка нема да доживее да седне, метафорички кажано. Неподмитивоста и непоткупливоста се вредностите кои треба да ги споделува еден градоначалник, а сметам дека пратениците на Левица го докажаа тоа.

