Мајчинството како невидлива казна за жените – Откази и огласи што бараат жени без новороденче

Во Македонија, прашањето дали може истовремено да се биде мајка и работничка без страв од отказ, останува болно и сè уште неодговорено. Иако законот гарантира заштита на работничките права, практиката покажува поинаква реалност, случаи на откази, непродолжени договори и дискриминација врз бремените жени сè уште се честа појава.

Еден од најилустративните случаи оваа година ја потресе јавноста кога работничка остана без работа веднаш откако објавила дека е бремена. Иако имала договор на определено време, истиот не ѝ бил продолжен, а прекинот на вработувањето се случил додека била на боледување поради проценета патолошка бременост.

„Дали сум виновна затоа што останав бремена?“, прашала таа по одлуката, на што добила одговор од своите претпоставени: „Не знам, ова е одлука на директорот“.

Овој случај, според Игор Јадровски, член на Комисијата за заштита и спречување од дискриминација, претставува јасен пример на дискриминација и системска неправда.

Друг случај, кој Комисијата го оцени како револуционерен, се однесува на жена која решила да започне постапка за вонтелесно оплодување (ин витро). Наместо поддршка, добила отказ.

„Можете да замислите колку е самата ситуација тешка за работничката која решава да оди на ин витро и уште да знае дека ѝ виси во воздух работното место. Тоа е еден од поспецифичните случаи кои што ги имавме во последно време“, вели Јадровски.

Овој случај е прв по кој е постапувано заради прекин на договор за работа поради планирање бременост преку медицинска процедура.

Според Комисијата за заштита и спречување од дискриминација, најчести се случаите кога бремени работнички кои имаат договори на определено време остануваат без работа. Најчесто, веднаш штом ќе го соопштат својот статус на работодавачот, договорите не им се продолжуваат.

„Станува збор за особено тежок облик на дискриминација затоа што не е само полот и родот, туку е и бременоста како посебна состојба. Сето тоа испреплетено ја става жената во особена ранливост. Затоа е битно ваквите случаи да се пријавуваат, за да може да направиме пракса која ќе ги одврати работодавачите од вакви прекршувања“, објаснува Јадровски.

Еден таков пример годинава е случајот со работничка која покрај бременоста, побарала боледување за своето дете – и веднаш потоа добила отказ.

Но проблемот не завршува тука. Дискриминацијата врз жените не се појавува само кога тие ќе соопштат дека се бремени, туку и уште пред да бидат вработени.

Комисијата утврди директна дискриминација по основ на пол, возраст, мајчинство и семејна состојба во оглас за вработување за позицијата „финансиски менаџер“ објавен на еден од најпознатите веб-сајтови за работа.

Меѓу условите, стоело:

  • Претпочитана возраст од 24 до 40 години
  • Кандидатот да нема други обврски (студии, новороденче, итн.)
  • Се бараат само кандидатки (жени)

Овој оглас покажа дека не само што жените кои веќе се мајки се дискриминирани, туку и оние кои планираат мајчинство се соочуваат со невидливи бариери уште на самиот почеток на процесот за вработување.

Од земјоделки без породилно отсуство, до административни работнички во институции кои губат работа штом ќе објават дека очекуваат дете, системот во Македонија премногу често им врти грб на жените кога најмногу им треба поддршка.

Ова не е само прашање на поединечни судбини, туку сериозен сигнал за државните политики и односот кон родовата еднаквост. Мајчинството, наместо да биде природен дел од работничките права, често се претвора во причина за отказ.

Овој текст е подготвен врз основа на прилогот на Љубица Иванова за Види Вака.

Може да ве интересира