Ацевски: Кисела Вода мора да стане чиста, уредена и безбедна општина – граѓаните повторно ќе бидат на прво место

Кандидатот за градоначалник на Општина Кисела Вода од партијата Левица, Јане Ацевски, во интервјуто зборува за својата визија за целосна промена во управувањето со општината – од решавање на хаотичната урбанизација и загадувањето, до воведување транспарентно и одговорно работење. Како човек кој е роден и израснат во Кисела Вода, Ацевски нагласува дека оваа општина има огромен, но недоволно искористен потенцијал. Неговиот план се заснова на три клучни приоритети: заштита на животната средина, подобрување на инфраструктурата и безбедноста, и поставување на современи стандарди за квалитетен живот. Со јасна визија, конкретни мерки и ангажман на граѓаните, тој вели дека сака Кисела Вода да стане пример за чиста, зелена и модерна урбана заедница.

Предложени сте за кандидат за градоначалник на Кисела Вода од политичката партија Левица. Што ве мотивираше да ја прифатите оваа кандитатура и кои се главните проблеми што најпрво би ги решиле? 

Ацевски: „Роден сум и израснат во Кисела Вода и длабоко верувам дека нашата општина има огромен потенцијал кој со години не е доволно искористен. Кога партијата Левица ми ја понуди кандитатурата, ја прифатив затоа што сметам дека со моето професионално и животно искуство можам да придонесам за вистински решенија, а не само за декларативни промени.

Веќе три децении Кисела Вода трпи хаотичен урбан развој и непромислено градење, придружени со запоставување на хигиената, уништување на зеленилото, нарушена безбедност и несоодветна сообраќајна инфраструктура која не ги следи тековите на современата и урбано уредена животна средина.

Мој приоритет како иден градоначалник ќе биде да се справам со овие проблеми: заштита на животната средина и намалување на загадувањето, воспоставување ред во урбанистичкиот развој, подобрување и модернизација на сообраќајната инфраструктура, поголема поддршка за ранливите категории и целосна транспарентност во работата на општинската администрација. Целта е Кисела Вода повторно да стане чиста, безбедна и уредена општина, во која граѓаните се на прво место.

Кисела Вода важи за една од најбрзорастечките општини? Како планирате да го баласирате урбаниот развој со зачувување на јсвниот простор и зеленилото?

Ацевски: Кисела Вода расте и се развива, но мојата визија е тој раст да биде паметен, планиран и одржлив.

Јасни и строги правила за урбанизација – секој нов градежен зафат ќе мора да предвиди доволно јавен простор, паркиралишта, пристапни улици, како и минимум зелени површини по меѓународни стандарди.

Транспарентност и јавна контрола – јавно и транспарентно обележување на сите активности во урбанизацијата и градежништвото, за жителите навреме да се информираат и да реагираат доколку имаат забелешки.

Заштита и проширување на зелените површини – ревитализација на постојното зеленило и паркови, подигнување нови зелени појаси и јавни паркови со квалитетен посадочен материјал и редовно одржување.

Современи еколошки стандарди – поставување современи мерни инструменти кои ќе ги следат параметрите на загадувањето и ќе овозможат навремени мерки за заштита на животната средина.

Вклучување на граѓаните – редовни јавни расправи и средби со локалните заедници пред носење на одлуки за поголеми урбани зафати.

Урбаната мафија и дивоградбите се чест проблем во оваа општина. Како би се спрааввиле со притисоците од градежните интереси­­?

Ацевски: Општината Кисела Вода во изминатите години беше сведок на бројни нерегуларности, појави на нелегална градба и притисоци од градежни интереси. Како градоначалник ќе воведам системски пристап со кој ќе обезбедиме нулта толеранција за урбаната мафија и дивоградбите, а јавниот интерес ќе биде над интересот на поединци:

Ревизија на претходните одлуки и дозволи – темелна проверка на сите спорни урбанистички планови, одобренија за градба и измените во изминатите години, со јавно објавување на резултатите.

Тотална транспарентност – сите урбанистички планови, дозволи и активности ќе бидат достапни онлајн и на јавни огласни табли; секој зафат ќе биде јавно обележан, за граѓаните навремено да се информираат и да реагираат.

Засилени инспекциски служби – формирање специјален тим за контрола на градилиштата, со обврска да реагира веднаш при неправилности.

Брза постапка за санкции – запирање на нелегалните градби, казнување на инвеститори и изведувачи и враќање на јавниот простор на жителите.

Вклучување на јавноста – редовни јавни трибини, платформи за пријавување прекршоци и транспарентни седници на Советот за урбанизам.

Заштита на јавниот интерес – сите нови планови ќе мора да предвидат минимум зелен простор, јавни содржини и современи стандарди за животна средина.

Со овие мерки ќе направиме јасен раскин со старите практики и ќе изградиме систем што нема да дозволи повторување на вакви злоупотреби. Кисела Вода ќе стане пример за законита, транспарентна и еколошки одговорна урбанизација.“

Кои решенија ги нудите за проблемите за сообраќајот и паркирањето во Кисела Вода?

Ацевски: Сообраќајот и паркирањето се едни од најголемите предизвици за жителите на Кисела Вода. Како градоначалник ќе воведам системски пристап и ќе вклучам сообраќајни експерти кои ќе направат детална анализа на состојбата, ќе ги сублимираат проблемите и ќе понудат оптимални решенија.

Конкретно:

Модернизација на патната инфраструктура – реконструкција и проширување на главните улици и крстосници, поставување современа сигнализација, паметни семафори и улично осветлување.

Организирано паркирање – изградба на монтажни катни гаражи и уредени паркинг-зони со електронски систем за следење и наплата, за да се намали хаосот од непрописно паркирање.

Повеќе простор за пешаци и велосипедисти – нови пешачки и велосипедски патеки, безбедни зони кај училиштата и градинките, стимулирање на алтернативен транспорт.

Оптимизација на јавниот превоз – со стручна анализа ќе се подобрат линиите, фреквенцијата и комфорот на автобусите, за да се намали користењето на лични возила.

Контрола и ред – засилени инспекциски служби и санкции за непрописно паркирање, воведување „зони без возила“ околу образовни институции за поголема безбедност на децата.

Еколошки стандарди – стимулирање користење електрични возила, поставување станици за полнење и воведување еко-зони со ограничено возење и загадување.

Со овој пристап, заснован на стручност, транспарентност и современи стандарди, ќе создадеме уреден, безбеден и функционален сообраќај и паркирање во Кисела Вода.“

Загадувањето и дивите депонии се голем проблем. Како конкретно би го решиле прашањето со отпадот и чистиот воздух?

Ацевски: Ќе воведеме системски и долгорочни решенија за чист воздух, вода и почва, како и за одржлива средина:

  • Превентивни мерки против загадување – контрола и санкции директно на изворот на загадување, било да е индустриска активност, приватни печки или транспорт, за да се спречи загадување уште на самиот почеток.
  • Ефикасно управување со отпадот – редовно и систематско собирање на комунален отпад, организирани и модерни депонии, воведување на селекција и рециклирање.
  • Санација на дивите депонии – идентификација и чистење на сите нелегални депонии, со контрола и санкции за оние кои повторно фрлаат отпад.
  • Модерни системи за рециклирање:
    • Сегрегација на отпадот на извор – органски, пластичен, хартиен, стаклен, електронски отпад и градежен шут се одделуваат веднаш, според најдобрите современи практики.
    • Рециклирање на градежни материјали и гуми – асфалт, гуми, бетонски и друг градежен шут ќе се обработуваат и повторно користат за потребите на општината, како за патишта, тротоари, паркови или други јавни проекти.
    • Модуларни станици за собирање – специјални контејнери и компактни единици на јавни места, училиштата и градинките, со одделно складирање на секој вид отпад.
    • Превентивно и циклично рециклирање – повторна употреба на пластика, метал, хартија, стакло и градежни материјали со минимален отпад.
    • Мобилни единици за компостирање – органскиот отпад се трансформира во ѓубриво за парковите и зеленилото.
    • Едукација и вклучување на граѓаните – секој ќе знае како правилно да го одделува отпадот, а училиштата и градинките ќе бидат центри за еколошка свест.
    • Следење и мерење – мерни инструменти ќе го следат отпадот и квалитетот на рециклираните материјали, со редовни јавни извештаи.
  • Зголемување на зелените површини – садење на дрвја и создавање зелени појаси кои го филтрираат воздухот и ја подобруваат урбаната средина.
  • Едукација и волонтерство – кампањи за чиста околина, акции за чистење и подигање на свеста за еколошка одговорност.

Бенефити од рециклирањето на градежниот и друг материјал:

  • Намалување на потребата од нови суровини и заштеда на јавни средства.
  • Намалување на депонискиот отпад и зачувување на јавниот простор.
  • Создавање локални ресурси за патишта, тротоари, паркови и други јавни проекти.
  • Намалување на загадувањето и создавање одржлива средина за граѓаните.

Со овие мерки Кисела Вода ќе стане чиста, здрава и современа општина, каде речиси сите материјали се повторно користат, загадувањето е значително намалено, а жителите дишат свеж воздух и живеат во уредена и одржлива средина.“

Што планирате да направите за подобрување на условите во училиштата и градинкитена територијата на општината?

Ацевски: Ќе ја модернизираме и реконструираме општинската образовна инфраструктура – објекти, училници, градинки и дворови. Ќе обезбедиме квалитетен наставен материјал, дигитална опрема и програми за професионален развој на наставниот кадар, како и редовна хигиена и едукација за здрав и еколошки начин на живот.Преку програми ќе потикнуваме едукација за културни и традиционални вредности, едукација на учениците преку пренесување на вештини од одредени традиционални занаети, народни умотворби, пренесување на традиции, легенди и други значајни традиции на младото население. На овој начин, училиштата и градинките ќе станат инспиративни и безбедни места за учење и растење на нашите деца во наш традиционален дух.

Како ќе обезбедите транспарентно работење  на општината кон граѓаните?

Ацевски: Ќе воведам целосна транспарентност во работата на општината преку:

Дигитализација и јавни информации – сите одлуки, буџетски расходи, јавни набавки и планови ќе бидат лесно достапни на веб-страницата на општината, со редовно ажурирање.

Јавно и транспарентно обележување на сите активности во урбанизацијата и градежништвото, каде жителите ќе можат навремено да се информираат и да реагираат доколку имаат забелешки;

Отворени јавни состаноци и дискусии – граѓаните ќе имаат можност директно да учествуваат во донесувањето на одлуки и да предлагаат идеи преку форум, јавни трибини и работилници.

Регуларно информирање и извештајност – месечни и квартални извештаи за активностите на општината, постигнатите резултати и планираните проекти, достапни на сите жители.

Механизми за обратна врска – онлајн платформи, апликации и канцеларии за граѓани преку кои жителите ќе можат да поднесуваат прашања, сугестии и жалби, со обврска за брз и јасен одговор.

На овој начин граѓаните ќе ја чувствуваат општината како отворена, одговорна и достапна институција која работи за нивната благосостојба и квалитет на живот.“

Кои мерки предвидувате за вклучување на младите и за потикнување на спортот , културата и здравиот начин на живот во Кисела Вода?

Ацевски: Како градоначалник ќе работам младите да бидат активен дел од општинскиот живот и носители на позитивни промени.

Ќе предвидиме:

Поддршка на младински иницијативи и организации – формирање младински совет и поддршка на младински организации кои ќе поттикнуваат сплотеност и здруженост на младите, развој на љубов кон татковинатаи мотивација младите да останат и творaт во својата општина.

Развој на спортска инфраструктура – реконструкција на постојните и изградба на нови игралишта, терени, пешачки и велосипедски патеки; субвенции и партнерства со спортски клубови и здруженија. Отварање на нови клубови како шаховски во секое училиште, извиднички одреди, планинарски друштва и други спортови за кои ќе постои кај младите интерес.

Промоција на здравиот начин на живот – бесплатни спортски и рекреативни програми, кампањи за здрава исхрана и превенција од штетни навики, редовни настани на отворено.

Поттикнување на младите кон хуманитарни активности – организирање волонтерски акции, крводарителски кампањи, помош кон социјално загрозени семејства, како и програми за поддршка и помош на стари и изнемоштени лица.

Развој на културата и креативноста кај младите – организирање културни настани во кои ќе учествуваат млади и талентирани жители од општината; културни натпревари во пеење, хорови, оркестри, глума и други атрактивни изведби; поддршка за локални групи, ансамбли и уметнички друштва.

Ако станете градоначалник кои ќе бидат вашите први  три приоритети и по што би сакале да ве памтат жителите на Кисела Вода на крајот од мандатот?

Ацевски: Како градоначалник на Кисела Вода ќе се водам од три јасни приоритети:

Прво, заштита на животната средина – систематско чистење и редовна хигиена на јавните простори; ревитализација и проширување на зелените површини; поставување современи мерни инструменти кои точно и редовно ќе ги следат параметрите на загадувањето на воздухот, водата и почвата; уредување квалитетно зеленило и паркови според еколошките услови во општината со соодветен и квалитетен посадочен материјал, како и редовно и навремено одржување на зелените површини; редовна контрола и санкционирање на сите загадувачи во општинатаи воведување високи стандарди во превентивната заштита на животната средина.

Второ, подобрување на безбедноста и сообраќајната инфраструктура – целосна анализа и санација на најризичните раскрсници и улици; изградба и реконструкција на патишта, безбедни пешачки премини и велосипедски патеки; современи решенија за јавен превоз и паркирање; воведување паметни семафори и системи за следење на сообраќајот; создавање мирна и безбедна општина за сите жители преку засилена координација со институциите и превентивни програми; отстранување на лошите пороци од улиците и училиштата преку едукација, поддршка на младите и засилен инспекциски надзор.

Трето, поставување трајни и современи животни стандарди – обезбедување чист воздух и вода, достапни јавни услуги и зелен урбанистички ред; развој на енергетски ефикасни објекти и јавна расвета; воведување дигитални услуги и транспарентно работење на општината; создавање услови за достоинствен, безбеден и квалитетен живот на сите жители.

На крајот од мандатот, би сакал жителите на Кисела Вода да ме паметат како човек кој со конкретни дела ја претвори општината во чиста, мирна, безбедна и современа урбана средина – место каде што секој граѓанин може да живее, работи и одгледува семејство со гордост.