Лидерот на Левица, проф. д-р Димитар Апасиев, во интервју за „Локално“ изјави дека двете најголеми партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, се наоѓаат во страв и паника од растот на партија Левица, затоа што конечно се појави сила што не е нивен производ ниту пак договорен „опозиционер“.
„Кога ќе замолчиш политички противник, кога ќе му го одземеш правото на еднакво медиумско претставување, тоа значи дека немаш сила да се соочиш на рамноправно бојно поле. Дека си кукавица во душата“, порача Апасиев, критикувајќи ја власта за цензурата кон Левица во текот на изборната кампања.
Тој оцени дека СДСМ веќе е политички труп, партија на богаташите која постои само како лажна опозиција, додека ВМРО-ДПМНЕ по само една година власт забега во хибриден режим. Според него, случајот со трагедијата во Кочани е апсолутна катастрофа што го открила длабоко вкоренетото коруптивно владеење.
„Едноставно, неинтелигентни се и не се дораснати за диктатори“, додаде Апасиев.
Тој нагласи дека Левица веќе поднела жалби до ОБСЕ, Уставниот суд, Управниот суд и други институции поради исклучувањето од медиумите.
„Ние сме заробена држава како по книга. Сите се прогласуваат за ненадлежни, а Мицкоски се сити. Но, ние ќе одиме и до Европскиот суд за човекови права во Стразбур, за да дознае светот што се случува во Македонија“, истакна лидерот на Левица.
Апасиев смета дека фактот што целата ПР машинерија е насочена против неговата партија е најголемо признание дека Левица станува втора политичка сила во државата.
„Левица е таа што расте, што им го зема воздухот и на едните и на другите. И ДПМНЕ и СДСМ се уплашени и во грч од налетот на Левица затоа што конечно се појави сила која не е нивен производ, туку реална закана за нивниот политички картел“, рече тој.
За претстојните локални избори, Апасиев најави дека партијата очекува над 70.000 гласови и значително зголемување на советничките места. Според него, кандидатите на Левица се сериозни, чесни и непоткупливи луѓе од народот, а во повеќе урбани општини постојат реални шанси за директни победи, особено таму каде што, како што вели, народот е огорчен од партиите на естаблишментот.
Во врска со состојбите во Скопје, тој оцени дека Левица ќе го зголеми своето присуство во Советот на Градот и ќе придонесе за функционално тело кое ќе работи во интерес на јавноста.
„Видете го Скопје за четири години под власта на ДПМНЕ – стана најголемата прљава прчвара на Балканот!“, изјави Апасиев.
Лидерот на Левица ги нарече фарса предизборните црвени линии на двете најголеми партии и подвлече дека неговата партија останува единствената доследна промакедонска патриотска опција.
„Нашите црвени линии се македонскиот суверенитет, правдата, унитарноста и класната борба против буржоазијата и олигархијата“, нагласи тој.
Во однос на предвремените парламентарни избори, Апасиев изрази уверување дека тие се сè поизвесни поради растечкото незадоволство на граѓаните, додавајќи дека Левица е подготвена да ја преземе одговорноста. Тој остро се спротивстави на улогата на етничките партии во политичкиот систем, оценувајќи дека тие ја делат државата и ги користат граѓаните како гласачки бази.
„Ние сме против етнички партии – тие ја делат државата. Се залагаме за идеолошки партии каде што граѓаните избираат врз основа на вредности и програми, а не по етнички клуч“, порача Апасиев.
Информациите во текстот се преземени од интервјуто на претседателот на Левица, Димитар Апасиев, објавено на „Локално“.
Следи го Антропол преку Google 
