Судот го потврди обвинението за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани

Советот за оцена на обвинителен акт при Основниот кривичен суд – Скопје го одобри обвинителниот акт поврзан со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, со кој се опфатени 37 обвинети. Со решението К-ООА бр.155/25, обвинението е потврдено во целост, по што е оформен кривичен предмет К.бр. 1872/25.

Во соопштението од судот се наведува дека постапката била спроведена со посебна внимателност поради сензитивноста на случајот, големиот број обвинети и бранители – 37 лица со 33 адвокати, како и над 250 оштетени и семејства на жртвите.

Хронолошкиот тек на постапката покажува дека:

  • Врховниот суд на 25 јуни годинава донесе решение со кое за надлежен суд е определен Основниот кривичен суд – Скопје, поради потребата од судии со искуство во сложени кривични постапки.
  • На 2 јули обвинителниот акт беше доставен од Основниот суд Кочани, а на 8 јули и негово дополнение.
  • Во советот за оценка првично беа вклучени судиите Моника Бахчовановска, Билјана Коцевска и Бранка Наумовска, но Коцевска и Наумовска побараа изземање поради судир на интереси. На нивно место беа назначени судиите Софче Гаврилова Ефремов и Илија Трпков.
  • Дополнителни потешкотии се јавија при доставата на обвинителниот акт до обвинетите и нивните адвокати, како и поради недостиг на комплетни лични податоци во првично поднесениот акт.

Судот нагласува дека, и покрај комплексноста и бројните правни пречки, обвинителниот акт бил оценет во законски предвидениот рок.

„Со оглед на чувствителноста на случајот и јавниот интерес, беа вложени сите напори за навремено и законито постапување, без пропусти кои би ја компромитирале постапката“, соопшти Основниот кривичен суд – Скопје.

Постапката за понатамошно судење продолжува пред надлежен судија, а јавноста ќе биде дополнително информирана за сите наредни чекори.

Може да ве интересира