Проф. Саздов: Итно да се повлече учебникот по Македонски – Во учебникот има повеќе неточно, отколку точно

Учебникот по Македонски јазик за седмо одделение треба итно да се повлече од употреба поради бројни грешки и неточности, предупредува професорот Саздов. Според него, материјалот е исполнет со „фрапантни пропусти“ и претставува сериозна пречка за наставниците и учениците.

„Учебникот по Македонски јазик за седмо одделение треба итно да се повлече, без разлика колку тоа да звучи неверојатно. Во него има повеќе неточни отколку точни работи. Буквално грешка до грешка од областа на лингвистиката. Основни работи не ѝ се јасни на авторката,“ изјави Саздов, додавајќи дека е „вистинско чудо“ ако наставниците воопшто можат да работат по таков материјал.

Професорот наведува конкретни примери за сериозни пропусти.

„Во синтаксичка анализа на реченица, стои дека атрибут е предлошки предмет. Во примерот ‘сладолед од чоколадо’ анализата вели дека е ‘предлошки предмет од ванила’. Тоа е апсурдно,“ објаснува тој.

Друг случај е целата лекција за едначење по звучност, која според него е погрешно конципирана.

„Авторката ја пренела наставната програма погрешно, наместо отстапки од бележењето на едначење, таа пишува за отстапки од самото едначење, што не постои. Врз таа основа целата лекција е неточна,“ вели професорот.

Дополнително, во учебникот има илустрации кои, се на примитивно ниво.

„Во категоријата ‘број на именки’ стои пример ‘една жаба, две жаби’. Тоа е сведување на материјалот на детинско ниво, далеку под потребното за таа возраст,“ нагласува Саздов.

Според професорот, ваквиот учебник не смее да остане во употреба, бидејќи наместо да ја поттикне јазичната култура, создава конфузија и дезориентација кај учениците.

Може да ве интересира