Притисоци и партиски вработувања во М-НАВ – Синдикатот најави штрајк

Македонското небо целосно ќе се затвори за авионски сообраќај на 20 и 24 октомври. Причина е одлуката на Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛМ), кој повторно ја активираше најавата за штрајк, откако менаџментот на претпријатието не ги исполни дадените ветувања.

Синдикатот бараше од раководството да запре со партиските вработувања во М-НАВ, да обезбеди одобрение од Министерството за финансии за оглас за нови контролори на летање и инженери, како и распишување тендер за избор на независна меѓународна агенција што ќе изработи анализа за моменталната состојба и потребите за кадар.

Иако првично штрајкот беше закажан за 10 јули, тој беше одложен поради извесни придвижувања во исполнување на барањата. Сепак, поради застојот во процесот, контролорите сега повторно стојат цврсто зад своите ставови.

„Во компанијата мора да се вработува исклучиво кадар кој е навистина потребен, пред сè контролори на летање. Потребна е и функционална анализа за да се утврди реалниот број на работни места,“ нагласуваат од синдикатот.

Според одлуката, штрајкот ќе се одржи на 20 и 24 октомври, а ќе продолжува секој понеделник и четврток сè додека не бидат исполнети барањата. Доколку не се најде решение, не се исклучува можноста за целосно запирање на авионскиот сообраќај во земјава.

Од синдикатот дополнително предупредуваат и на притисоци врз вработените, со цел да се спречи нивното учество на состаноците. Според нив, почетниот датум – 20 октомври – е избран по завршувањето на локалните избори, за да не се дозволи раководството на М-НАВ да го претстави штрајкот како политички мотивиран.

Информации превземени од 24Инфо.