Исмаил: Додека спотот на дпмне е идеален, Македонија е во секојдневна социјална криза

Пишува Реџеп Исмаил – Хактан, Пратеник на Левица во собранието на Република Македонија и потпретседател на партијата.

Дури денеска конечно го видов промотивниот изборен спот на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ. Искрена порака, нема што – се е кажано во него: „мила Македонија“ за „твојот човек“.

Сериозно, гледајте го прво без тон! Како класичен потемкинов театар: природните убавини на државава послужени како визуелна маска, а на розева позадина залепена идилична „социјална реалност“ што постои само во имагинацијата на партиските режисери. Спотот самиот по себе е паралелна држава составена од ПР-дронови и тендер монтажери без контакт со живот.

Чисти јавни простори, среќни млади луѓе, идилични села и маала, топли семејни домови и богати трпези.

Трансгенерациска солидарност од каталошка фантазија: дедовци, баби, внучиња, ангажирани мајки и татковци, безгрижни деца, послушни младинци – сите дома, сите тука, сите во заедница што постои само во нивната глава и на нивните тендерски брошури.

Навистина имам сериозна дилема:

Дали е ова ПР или навистина експресија на нивното секојдневие? Односно, дали стварно постои свесна намера со природните убавини да се заслепи восприемачот за да му стане неважна социјалната реалност,

или пак тие навистина немаат допир со животот на остатокот од народот, па спотот е навистина само рефлексија на нивното секојдневие – нивниот монденски фејк-рај?

Можеби пак на нив навистина така им е: нивниот човек е во министерство, во општина, во институција, во Влада. Сето нивно е изградено и стекнато од заедничкото – наше. Па ако и тебе така ти е, човеку – ете ти ги, гласај ги.

Но не заборавај: денес тебе можеби така ти е, но утре нема да биде така на син ти или внук ти, па дури ни на тебе самиот. Држава не е приватна фирма, не е универзитетот на тато, не е тендер постапката што ја води мама. Држава е систем на заедништво – а кога ќе се распадне, прво пукаат богатите фасади, па сиромашните души.

Впрочем, мене не ми е јасно, па зарем и нивните блиски не шетаат по прљави улици и не дишат канцероген воздух?! Па дури и да си богат за пет генерации, знај дека во социјално раслоено општество мир никој нема – тоа е заедница во хронична нестабилност!

Македонија веќе го живее тоа: секојдневни убиства, силувања, кражби, пресметки, дроги, социјални конфликти, сообраќајки со фатален исход, здравство кое повеќе убива отколку лечи, образование кое служи на странски сатрапи, а не на нацијата.

Ако мислиш дека овој тренд треба да продолжи – гласај за ВМРО-ДПМНЕ. Биди нивното човече. Само да не се чудиш утре кога потемкиновата разгледница ќе се распадне на првата вистинска врнежлива ноќ. А ноќва, како и вчера, веќе врне…. МНР веќе се поплави!

Може да ве интересира