Вчера во Основниот кривичен суд сведочеше жената која го пријавила екс-директорот на ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина Мухсин Арифи и негувателот Блерим Амити за барање поткуп. Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција ги товари Арифи и Амити за примање поткуп и за примање награда за противзаконито влијание.
Жената која сведочеше пред судот објасни дека 20.000 евра биле само почетен капар, а крајната цел била да се дојде до недвижниот имот на пациентката. Таа имала договор за доживотна издршка за пациентката, бидејќи родителите на пациентката починале, а истата ја познавала повеќе од 20 години преку пријателство што го започнале нивните родители.
„Пациентката ја знам над 20 години. Ова е пријателство кое е почнато од нашите родители. Ние израснавме со неа заедно, буквално сме куќни пријатели. Нејзините родители починаа во 2021 година, а таа имаше здравствени проблеми, боледуваше од епилепсија и имаше психолошки проблеми и затоа беше ограничена за дружење. Нејзините родители имаа доверба да се дружи само со мене, со сестра ми и со нејзините братучеди“, сведочеше жената.
Според нејзините објаснувања, во средината на декември 2024 пациентката била сместена во ГОБ „8 Септември“. „Докторот оттаму ми се јави бидејќи одев кај неа на посета, дека не може да биде сама. Тука почна дискусијата што да направиме за таа да не биде сама. Бидејќи живеам сама и имаше услови кај мене во станот да живее и таа, мислевме да ангажираме негувателка да се грижи да и дава терапија и јадење.“
На 27 февруари 2025, по епилептичен напад, пациентката повеќе не можела да стане од кревет. Жената детално ја опиша својата борба со здравствениот систем за пациентката да го добие потребното лекување.
„Успеавме да ја однесеме во ГОБ „8 Септември“ на Ургентен каде направија испитувања и еден хирург кога заврши со испитувањата ми рече – пациентката е типичен случај за сместување во Геријатрија. И ќе го цитирам човекот рече „не знам како ќе се снајдете ама обидете се таму ви е местото“. Ова беше на 28 февруари“, рече таа.
Сведокот истакна дека додека пациентката дома врескала поради непримање на терапија, директорот и рекол дека „нема приоритетена листа за пациенти, туку тој одлучува кој ќе се прими“.
„Да ви кажам искрено судија, после ова негово кажување ми беше јасно дека борбата ќе ми биде многу тешка, но од друга страна не можев да дозволам пациентката да не го добие тоа што ѝ следува без разлика на нејзината состојба. Таа имаше право на лекување. Додека пациентката ми умираше пред очи дома, додека имав реакции и од комшиите, не ми беше паметот во парите, верувајте. Истиот ден отидов во банка и од мојата лична сметка ги извадив и јас му ги дадов на брат ми 3-те илјади евра“, сведочеше жената.
Таа објасни дека директорот и негувателот ја злоупотребиле информацијата за имотната состојба на пациентката, проверувајќи го нејзиниот недвижен имот во Катастарот на недвижнини. „Ми го бараа недвижниот имот за кој нашле од Катастар дека е на име на пациентката – стан. И мене не ми беше јасно зашто директорот инсистираше дека пациентката има куќа и два стана. Блерим ми се јави на телефон и ми рече дека директно ќе се сретнеме со директорот, и дека Блерим не сака ништо, а директорот што сака нека бара од мене“, сведочеше жената.
Таа додаде дека првата средба со директорот била снимена од пријателка, бидејќи знаела дека органите на прогонот нема да ѝ веруваат само на збор.
„Директорот не отстапи од неговото барање од почеток до крај, додека пациентката ми умираше дома поради непримање лекови. На 1 април во состојба на бессознание успеав да ја сместам на Клиника за неврологија. Осум дена беше на интензивна нега, не можеше да ѝ ја нормализираат состојбата. Додека господинот директор од другата страна се пазареше со мене како да дојдам до имотот на пациентката. На средбите кои ги имав со него се обидов да му објаснам дека јас не можам да го оттуѓам имотот на пациентката. Дали не можеше или не сакаше да разбере, не знам. Тој остана на неговото барање до регулирање на имотно-правните односи на име капар да му дадам 20 илјади евра“, рече сведокот.
Жената истакна дека решила веднаш да го пријави настанот бидејќи директорот ѝ рекол дека тој одлучува кој пациент ќе се прими во болницата.
„Мојот впечаток беше дека тој се однесува како таа установа да е негова приватна и лична сопственост, а не јавна установа каде што секој има право да се лекува.“
Обвинетиот екс-директор Мухсин Арифи и негувателот Блерим Амити беа уапсени на 8 април годинава на Клиниката за Геријатрија. Според Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, едниот од нив влегол во возилото на жената сведок и во име на директорот примил 20 илјади евра бележани пари.
Судот го предупреди обвинетиот Блерим Амити во иднина да не го контактира сведокот и да не влијае врз други лица од нејзиното семејство, во спротивно ќе бидат преземени мерки, откако обвинителката Искра Хаџи-Василева извести дека сведокот повеќе пати добила повици од него само еден ден пред нејзиното сведочење.
Информациите се превземени од „Слободен печат“.

